fbpx

ИНТЕРВЈУ: ДОЦ. Д-Р АЛЕКСАНДАР ЃОРЕСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА SIRNM

11.04.2023

Разговаравме со доц. д-р. Александар Ѓорески, претседател на SIRNM – Здружение за интервентна радиологија на Северна Македонија, најновата членка на групацијата CIRSE (Кардиоваскуларно и интервентно радиолошко здружение на Европа).

CIRSE: Може ли да ни кажете нешто за почетоците на вашето здружение?

Ѓорески: Формирањето на ова ново Здружение за интервентна радиологија имаше природен тек на нештата. Тоа се формираше заедно со развојот на неколку други центри за интервентна радиологија во Северна Македонија. Со оглед на фактот дека во Северна Македонија нема многу центри за интервентна радиологија, дефинитивно ќе бидеме многу поорганизирани доколку работиме заедно како група. Претходно бев претседател на националното радиолошко здружение, што беше огромно искуство за мене и тоа ми ја даде идејата за формирање на Здружение за интервентна радиологија.

Неодамна SIRNM стана членка на групацијата CIRSE. Како би сакале да го видите заедничкото функционирање на овие две здруженија?

За нас е чест и задоволство да бидеме дел од групацијата CIRSE. Северна Македонија е дел од Европа и таму припаѓа. Сметам дека SIRNM може да има значителна придобивка од ова членство, бидејќи сите наши членови автоматски ќе станат членови на CIRSE и ќе ги уживаат сите придобивки што следуваат со членството, како што се намалени членарини, членства во поткомитети, како и можноста за склучување на нови пријателства и запознавање на нови колеги од цел свет. CIRSE секогаш е едно отворено семејство и останува така и понатаму. Една од главните цели на ова здружение е да помогне да се подобри квалитетот на интервентните радиолошки процедури низ цел свет.

IMG bcbaaeedabb V s

Може ли да ни кажете нешто повеќе околу клиничките упатства што ги следите, како и за додипломските студии по интервентна радиологија во Северна Македонија?

Се обидуваме да ги следиме меѓународните клинички упатства колку што е можно повеќе од секој можен аспект на интервентната радиологија, како што се упатствата PAD (упатства за периферни артериски заболувања), потоа упатства за сите неваскуларни и онколошки процедури и да ги вклучиме во нашиот локален систем и нашата пракса. Исто така, доста се потпираме на стандардите CIRSE произлезени од документи од практиката кои значително ни го олеснуваат секојдневниот живот. Сѐ уште немаме национални директиви за интервентни радиолошки процедури, но тоа ќе ни биде една од многуте задачи на кои SIRNM ќе мора да поработи во блиска иднина.

Во врска со додипломските студии по интервентна радиологија можам да кажам дека тие се на многу ниско ниво во нашата земја. Тоа се должи на фактот што до скоро на нашите студенти по медицина оваа програма не им беше презентирана од страна на нивните професори, како и можностите што ги нуди интервентната радиологија. На наша и на нивна среќа, таа состојба почна да се менува, па така многумина од нас кои се занимаваат со интервентна радиологија се и стануваат дел од медицинските факултети. Сите ние интензивно се обидуваме да ја популаризираме нашата специјализација не само на универзитетско ниво туку и меѓу радиолозите стажанти, што е уште поважно.

Колку студентите по медицина во Северна Македонија се охрабрени да ја продолжат својата кариера во делот на интервентната радиологија?

Околу ова прашање можам да зборувам во мое име и во име на колегите од мојот оддел. Уште од првиот ден, откако имам студенти на пракса по радиологија, давам сѐ од себе да ги воведам во цел процес на ангиографија, како и да ме придружуваат кога изведувам ултразвучни или КТ-процедури. Јас разговарам со моите студенти и им објаснувам како нашата специјализација има многу важна клиничка улога при дијагнозата и третманот на многу болести.

Angio tim

На мое големо задоволство, сега имам голем број студенти што се враќаат по своето дипломирање и се заинтересирани за пракса по интервентна радиологија, па дури и специјализација на ова поле. Според мене, тоа е најдобар и најприроден начин да се привлечат сѐ повеќе млади да специјализираат интервентна радиологија. Сѐ е толку едноставно; за мене ова е најдобрата специјализација во светот.

Како SIRNM ги информира пациентите околу интервентно-радиолошките третмани? Колку македонската јавност е свесна за интервентната радиологија?

За жал, на почетокот, па дури и сега, сѐ уште треба да ги информираме нашите колеги со други специјализации во врска со нашите третмани. Многу често се сретнувам со доктори што знаат да ми кажат: „Види, имам пациент во ваква и ваква состојба… дали можеш да направиш нешто?“

За пациентите станува малку полесно – брошурите CIRSE со потребните информации за процедурите веќе се преведени на македонски јазик и распоредени во секоја болница низ државата каде што има оддел за интервентна радиологија. Исто така, користиме и други медиуми за информации, како социјални медиуми и мрежи, други здруженија, а понекогаш дури и телевизии, со цел да ја преведеме нашата работа и да ја пренесеме нашата порака на општата популација. Целиот процес е макотрпен, но е од големо значење.

Колкав е бројот на оддели за интервентна радиологија во Северна Македонија? Дали таа бројка се менува со текот на годините?

Постојат околу 20 оддели за интервентна радиологија и да речеме околу 10 стажанти што се заинтересирани за изведување на барем некои од интервентните радиолошки процедури.

Бројот на заинтересирани се зголемува полека и според мене, главната причина за тоа е фактот што сега веќе имаме неколку млади професори кои се занимаваат со интервентна радиологија, додека, пак, стажантите на радиологија се задолжени да ротираат на одделите за интервентна радиологија. Сега е многу полесно некој да  работи интервентна радиологија и да им помага директно на пациентите. Кога еднаш ќе се соочат со таква ситуација, стажантите или се вљубуваат во оваа професија или пресекуваат „ова не е за мене!“

На кој начин SIRNM соработува со другите здруженија за интервентна радиологија на регионално и/или глобално ниво?

Ние сме сосема ново здружение, па оттука нашата прва цел е да одржиме неколку состаноци и/или работилници на различни теми поврзани со интервентната радиологија во Северна Македонија и да поканиме колеги од соседните земји како Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Албанија, Грција, Бугарија, Турција, Словенија и други, за да запознаеме нови експерти и да споделиме искуства. Досега имаме многу драги колеги од сите овие земји. На почеток сме! Понатаму ќе се обидеме да го прошириме кругот и низ Западна Европа и други делови од светот.

Кои се најголемите предизвици за интервентната радиологија во Северна Македонија?

Има неколку клучни предизвици за интервентната радиологија во Северна Македонија.

Препознавање на нашата специјалност и информирање на другите медицинари за сите наши процедури и што сѐ можеме на направиме. Исто така, запознавање на општата популација за нашето постоење и сѐ што работиме. Во однос на таа тема веќе бележиме некој напредок.

Овозможување на супспецијализација по интервентна радиологија како посебна гранка при продолжување на образованието по специјализација по радиологија; нешто што успеавме да го постигнеме со огромен труд на неколку доктори.

Понатаму, од голема важност е зајакнувањето на нашата заедница во однос на зголемување на бројот на млади доктори кои сакаат да работат во областа на интервентната радиологија.

Исто така, важно е да ги добиеме истите права како и другите специјализации, правото на сопствени клиники каде што ќе можеме да хоспитализираме и испишуваме наши пациенти.

И се разбира, унапредување на интервентната онкологија како посебна гранка во Северна Македонија.

Од перспектива на интервентната радиологија, како изгледа мултидисциплинарната тимска работа во Северна Македонија?

Само во неколку болници во Северна Македонија постојат вистински комисии за тумори, комисии за васкуларни болести и регуларни мултидисциплинарни тимски состаноци. Тоа е нешто што е потценето и недоволно искористено во нашата земја, општо земено. Како доктор по интервентна радиологија, цврсто верувам дека за секоја поединечна комплексна медицинска состојба потребна е одлука, која ќе биде донесена од страна на неколку доктори од различни области, а тоа е од клучно значење, особено кога станува збор за малигни заболувања.

Јас имам среќа да работам во клиничка болница, која има многу добри мултидисциплинарни комисии за неколку вида тумори и сега сме во процес на формирање посветен кардиоваскуларен мултидисциплинарен тим за периферни васкуларни и аортни болести.

Докторите по интервентна радиологија сега сѐ повеќе и повеќе се „активни“ членови на мултидисциплинарни тимови и нашиот глас има сѐ поголемо значење во последните неколку години. Мислам дека тоа е случај насекаде бидејќи медицинскиот свет, генерално земено, се движи кон една „минимално инвазивна“ патека.

Како ја замислувате иднината на интервентната радиологија, тука во Северна Македонија и на глобално ниво?

Како и што напомнав претходно, нема сомнение дека ние интервентните радиолози ја имаме најдобрата специјализација од цела медицина. Можеби сум малку суеверен кога станува збор за оваа тема, но навистина е зачудувачки како нашата дисциплина се развива толку бргу. Поради тоа, идните специјализанти треба да бидат многу внимателни околу својот избор, бидејќи сметам дека во блиска иднина ќе има доволно доктори во оваа област, така што секој од нас ќе мора да одбере за кои процедури сака да специјализира.

Особено сакам да ги потенцирам областите на интервентна онкологија и емболизација, бидејќи сметам дека овие две одделни области се и ќе останат единствено во рацете на интервентните радиолози.

Да заклучам, интервентната радиологија ја очекува навистина светла иднина!

Извор: www.cirse.org