fbpx

ЕКМО-ТЕХНОЛОГИЈАТА НАДЕЖ ЗА КОВИД-ПАЦИЕНТИТЕ: ЈА ЗАМЕНУВА РАБОТАТА НА СРЦЕТО И БЕЛИТЕ ДРОБОВИ

17.09.2020

Екстракорпорална мембранска оксигенација (ЕКМО) претставува апарат кој овозможува одржување на животните функции кај загрозени пациенти со тешки и живoтозагрозувачки заболувања кои спречуваат нивните срце и бели дробови да функционираат нормално. Пациентите кои се поставени на ЕКМО-апаратот имаат негова потреба од неколку дена до неколку недели, во зависност од сериозноста и прогресот на нивната состојба. ЕКМО-технологијата ја најде својата примена и во тековната пандемија на Ковид-19. Благодарение оваа технологија, во Kлиничката болница „Аџибадем Систина“ неодамна беше спасен животот на 45-годишен пациент во исклучително тешка здравствена состојба со прилично напредната ковид–пневмонија. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со најсовремениот и најнов ЕКМО-апарат (Cardiohelp), а за негово непречено функционирање се грижи високостручен тим на клинички перфузионисти, кардиоанестезиолози и кардиохирурзи со 20-годишно богато меѓународно искуство.

За употреба на ЕКМО-апаратот одлучува мултидисциплинарен тим

„ЕКМО-апаратот се користи кај пациенти кај кои белите дробови не овозможуваат доволна оксигенација на крвта и покрај тоа што е даден дополнителен кислород, како и во голем број други состојби кога белите дробови не можат да го отстранат адекватно јаглеродниот диоксид дури и со помош на механичка вентилација. Се применува и при срцева слабост кога срцето не може да пумпа доволно крв во телесната циркулација. ЕКМО исто така се користи како мост до трансплантација на срце и бели дробови кога тоа е потребно“, вели Петар Трајкоски, клинички перфузионист од „Аџибадем Систина“.

За употребата на ЕКМО-апаратот во третманот на пациентите со Ковид-19 одлучува конзилиум на специјалисти во поширок состав. Во исклучително тешки ситуации кога ниту респираторот не може да обезбеди адекватна оксигенација на организмот, ЕКМО апаратот е единственото решение кое може да подари втор живот на пациентот.

AcibademSistina ECMO aparat

ЕКМО-апаратот додава кислород, а го отстранува јаглеродниот диоксид од крвта

ЕКМО-апаратот се поврзува со пациентот преку пластични црева (канили). Канилите се пласираат во големите артерии или вени во зависност од типот на ЕКМО-процедурата и потребите на пациентот.

„ЕКМО-апаратот ја пумпа крвта од пациентот до вештачкиот бел дроб (оксигенатор), каде се додава кислород (О2) и се отстранува јаглеродниот диоксид (ЦО2) од крвта. На тој начин апаратот ја заменува белодробната функција. Потоа апаратот ја враќа крвта назад во телото на пациентот со помош на пумпа со ист проток како и срцето на пациентот. Така ја заменува и срцевата функција“, вели Сашо Стоилов, клинички перфузионист од „Аџибадем Систина“.

Секој пациент што е поврзан со ЕКМО-апаратот се наоѓа во единица за интензивно лекување и е поврзан со монитор. На мониторот се следат параметри како ЕКГ, централен венски притисок (ЦВП), крвен притисок, ниво на оксигенација во крв и ниво на јаглероден диоксид. Периодично се прават гасни анализи за да се утврди дали се одржува адекватна оксигенација и метаболна поддршка. На пациентите им се додаваат и лекови за антикоагулација кои ќе спречат настанување на коагулација и тромбоза во тек на третманот.

Времетраењето на третманот со ЕКМО зависи од состојбата на пациентот

ЕКМО-апаратот може да го продолжи и спаси животот на пациентот, но не ја решава примарната причина поради која дошла до оштетување на срцевата или белодробната функција. ЕКМО-апаратот едноставно дава време и поддршка додека медицинскиот мултидисциплинарен тим работи да ја поправат и излечат примарната причина. Типичен пример е и третманот на пациенти со Ковид-19, каде белите дробови на пациентот не можат да ја вршат својата примарна функција и ЕКМО-апаратот ни дава време да ги третираме сите системи во телото на пациентот зафатени од Ковид-19. Времетрањето на процедурата зависи директно од прогресот во закрепнување на белодробната функција и може да трае од неколку дена до неколку недели.

Последните податоци од светски референтни центри покажуваат дека ЕКМО-апаратот овозможува повисок процент на преживување кај пациенти кои се животозагрозени и не одговараат на вообичаениот метод на животоспасувачки третмани и лекување.

 

IMG

Аџибадем Систина“ со примена на ЕКМО-технологија спаси пациент со Ковид-19

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е првата болница во земјава и регионот која со примена на ЕКМО-технологија го спаси животот на 45-годишен пациент со Кови -19 во исклучително тешка здравствена состојба со прилично напредната ковид–пневмонија.  Во третманот на пациентот беше вклучен мултидисциплинарен тим доктори од болницата „Аџибадем Систина“ – д-р Митко Караѓозов, шеф на тораковаскуларна хирургија, проф. д-р Александар Николиќ, шеф на кардиохирургија, д-р Димче Славески, шеф на кардиохируршка анестезија со интензивно лекување, Петар Трајкоски и Сашо Стоилов, кардиоперфузионисти, д-р Никола Шиков, шеф на општа – интензивна нега и инфектолозите д-р Патриција Каламарас и д-р Хараламбос Сидиропулос. Ова е и првиот пациент во Македонија кој е излекуван од Ковид-19 со примена на оваа технологија. Отсега овој апарат ќе се применува и при лекувањето на други пациенти со тешки компликации предизвикани од инфекцијата со коронавирусот.