fbpx

Д-р Баџаков на првата интернационална конференција за здравјето на карлицата кај жената, (International Conference on Pelvic Health), Примоштен, Хрватска

20.06.2019

 

Искуства од Клиничката болница „Аџибадем Систина” беа презентирани на првата интернационална конференција за здравјето на карлицата кај жената која се одржа во Хрватска, од 31 Мај до 2 Јуни. На конференцијата присуствуваше д-р Никола Баџаков, специјалист по гинекологија и акушерство кој со видео материјали ги прикажа практиките и интервенциите што се изведуваат во болницата. Конференцијата е во организација на новата асоцијација CSP (Croatian Society for Pelviperineology) која всушност е своевидно продолжение на предходната уриногинеколошка секција на Хрватска, која била формирана во осумдесетите години.

„Јас бев единствен од Македонија и претставник од „Аџибадем Систина”. Бев повикан како предавач да ги покажам искуствата на нашата болница во областа на урогинекологијата со примена на најновите методи во дијагностика и хируршка терапија која во последните декади во светот се употребува т.н. „Minimally Invasive Surgery” (минимална инвазивна хирургија). Ја имав таа чест преку видео материјали да покажам широка палета на интервенции кои ги извршуваме единствени на Балканот. Презентирав мои искуства и мои резултати. Размената на искуствата беше и  целта на организаторот, вели д-р Баџаков.

На интернационалната конференција која се одржа во хрватскиот град Примоштен присуствувале повеќе од 20 предавачи од цела Европа, а меѓу слушателите биле доктори од Хрватска  и поблиската околина. Сите предавања, вели докторот, биле доста интересни и предизвикале интерактивни дискусии меѓу слушателите и предавачите.

„Ова искуство е многу важно. Додека бев таму добив покана и во други држави од регионот да направам слични презентации и да го пренесам моето искуство. Можам да кажам слободно дека во многу работи како болница сме многу напред  и сме лидери во дијагностика со употреба на ултразвук во урогинекологијата  и интервенциите кои ги изведуваме. Водечки сме и иновативни сме во новите применливи хируршки техники и на врвот по условите во кои работиме и опремата со која располагаме, вели д-р Баџаков.