fbpx

БРЗАТА ИНТЕРВЕНЦИЈА И СТРУЧНОСТ КЛУЧНИ ЗА ЖИВОТОТ НА МАЛИОТ ДАВИД

07.11.2022
Вродената аномалија – дијафрагмална хернија била причината што новороденчето Давид Илијоски го ставила во животозагрозувачка состојба по само неколку часа од раѓањето. Брзата реакција на неонатолошкиот тим составен од д-р Станка Танчева, Д-р Радица Муратовска – Делимитова и детскиот хирург д-р Ристо Симеонов го спаси животот на овој мал херој. По само неколку часа од раѓањето, веднаш е поставена дијагнозата и направена хируршка интервенција која го решила проблемот. По неколку дена престој во болницата, Давид си заминал дома во добра состојба, а и контролите понатаму укажуваат дека целосно е надминат проблемот. Давид сега е здраво бебе и добро напредува.
david slika

ОТЕЖНАТО ДИШЕЊЕ И ПОТРЕБА ОД КИСЛОРОД

Д-р Станка Танчева, неонатолог од Клиничка болница „Аџибадем Систина“, раскажува за ургентноста на состојбата со која се соочиле во ноќната смена на 1 јули, кога само неколку часа по раѓањето на здраво новороденче, нагло се влошува неговата здравствена состојба. „Давид Илијовски е роден во 38. гестациска недела од бременоста, со царски рез како здраво бебе, со тежина од 2910 г. Новороденчето по протокол беше примено на Одделот за неонатологија. Но многу бргу, само неколку часа по раѓањето, пројави слика на една одложена адаптација на надворешен свет, со отежнато дишење и потреба од кислородна поддршка. Следуваа низа иследувања за да се утврди причината за таквата состојба. Направена беше рендгенграфија на бели дробови на која се детектираше дека се работи за вродена аномалија кај бебето, постоење на дијафрагмална хернија. Тоа е нарушување (вродена аномалија) кога дел или сите абдоминални органи поминуваат во градната празнина преку неправилно постоен отвор на дијафрагмата. Вообичаено тоа се случува на левата страна. Така беше и кај нашето бебе Давид. Веднаш се постави индикација за оперативен третман. Детето беше поставено на апарати за дишење, со што се овозможи одржување добра гасна размена сè до интервенцијата и во рамки на предоперативен протокол за третман на овој тип вродена мана. Се вклучи и исхрана со протеини и масти преку вена, поради неможноста за исхрана преку уста“, вели д-р Танчева.

ОПЕРАЦИЈАТА НА НОВОРОДЕНЧЕТО БИЛА ЕДИНСТВЕНОТО РЕШЕНИЕ

Оперативниот зафат беше изведен од страна на дет – скиот хирург д-р Ристо Симеонов во првите 24 часа од раѓањето на новороденчето. Операцијата била единствено решение за ваков проблем. Ваквиот тип интервенција носи голем ризик, пред сè, поради возраста на бебето, старо само еден ден, како и поради самата дијагноза што е специфична. „Во операциона сала во општа анестезија со лапаро – томија се отвори абдоминалната шуплина, при што се најде дефектот на левата дијафрагма низ која тенкото и дебелото црево, дел од желудникот и слезенката беа подигнати во левата торакална шуплина. Се направи мобилизација на органите од торакалната во абдоми – налната шуплина, се направи корекција на дефектот (килата) од дијафрагмата. Постоперативниот тек мина уредно. За многу кратко време бебето започна со исхрана преку уста и соодветен пораст во телесна тежина. Беше испишано дома во одлична кондиција со добра адаптација на исхраната“, вели д-р Симеонов. Родителите на Давид се неизмерно благодарни на целиот тим во болницата. Брзата реакција на целиот тим таа ноќ, професионалниот пристап и грижата што ја пружиле биле клучни за животот на нивното дете. „Среќна околност беше што таа ноќ беше дежурен и детскиот хирург д-р Симеонов, па целиот тим успеа толку бргу да се екипира и да му помогне на нашиот Давид. Целата состојба беше вистински шок за нас, бидејќи никој не очекуваше вакво нешто. Во минутите кога докторите се бореа за неговиот живот, сфативме што значи да се биде во вистинско време на вистинско место, во светска болница со толку професионални доктори кои даваат сè од себе. Вечно ќе им бидам благодарна на сите нив, и на медицинските сестри, буквално на сите вработени во болницата“, вели Бојана, мајката на Давид. Неколку месеци по интервенцијата, Давид е во одлична здравствена состојба, проблемот е надминат, па тој напредува како и неговите врсници. Редовните контроли кај д-р Станка укажуваат дека не постои ограничување во неговиот физички и ментален развој. „Дружењето со нашиот јунак Давид продолжува понатаму. Редовно се гледаме на нашите контроли каде што го следиме и среќни сме што Давид расте безгрижно и здраво“, вели д-р Танчева.