fbpx

БРЗА ДИЈАГНОЗА И ОПЕРАЦИЈА НА РЕТКА СОСТОЈБА КАЈ НОВОРОДЕНЧЕ МАЛ АНГЕЛ СО ХЕРОЈСКА ПРИКАЗНА: ЕДЕН Е ОД ИЛЈАДНИЦИ, НО СЕГА Е СРЕЌНО БЕБЕ

15.07.2022

Имало само два месеца кога е оперирано во Клиничка болница „Аџибадем Систина“. Новороденче, чии родители направиле клучна одлука и го донеле на преглед токму во оваа болница, сега има шест месеци и е во одлична состојба. Зад него е една интервенција со која бил решен еден редок проблем кој во светот се јавува кај едно на 14 000 до 30 000 живородени деца. Малиот ангел имал таканаречена билијарна атрезија, состојба при која нема проток на жолчката од црниот дроб кон цревата и која е видлива и на тенот на детето и во изгледот на столицата и урината. Ако не се дијагностицира и не се изврши операција навреме, ова може да резултира со значајно оштетување на црниот дроб. Иако имало и доста тешки денови, ова детенце успеало да ги преброди со помош на сиот медицински капацитет во „Аџибадем Систина“ под водство на доктор Ристо Симеонов и д-р Наташа Чучкова-Никчевска. А сè почнало уште веднаш по раѓањето кога детето имало изразит жолт тен. Со оглед на тоа што тоа е вообичаено кај многу новороденчиња, неговите родители тие денови биле мирни. Но, раскажуваат дека ситуацијата, наместо да се менува, се влошувала.

БРЗА ДИЈАГНОЗА

Жолтицата се појавила на четвртиот ден од раѓањето и била минимална. Педијатри од родилиштето им рекле дека тоа е нормално, иако жолтилото може да трае и до три месеци. Сепак, од шестата недела жолтиот тен станувал сè поизразит и позабележителен, а столицата станувала сè посветло жолта. Тогаш одлучиле да направат контролен преглед во „Аџибадем Систина“ каде што по првичниот преглед од д-р Александар Сајковски и по резултатите што покажале дека се покачени вредностите на директниот билирубин, биле направени и дополнителни испитувања. Тие покажале дека станува збор за таа ретка состојба – билијарна атрезија. Во оваа фаза, всушност, сè било направено многу бргу, што се покажало и клучно за лекувањето на бебето. „Откако беше поставена дијагнозата, со цел да ја обезбедиме најдобрата нега за нашето дете, истраживме кои сè доктори во земјава имаат искуство со оперирање на оваа состојба бидејќи е многу ретка. И немавме сомнение дека д-р Ристо Симеонов е најсоодветниот и најдобриот. На крајот само можеме да кажеме дека воопшто не погрешивме и дека не постојат зборови со кои би можеле да ја изразиме нашата благодарност“, вели родителот на детето. Додава дека сега продолжуваат консултациите и прегледите и со д-р Симеонов и со д-р Чучкова-Никчевска, за кои не штеди зборови на благодарност затоа што поминале низ многу грижи кои единствено се ублажувале само поради тоа што детето, како што вели, било во вистински раце. „Резултатите засега се движат во добра насока и искрено веруваме дека така и ќе продолжат. Сè уште не се нормализирани сите вредности, но тоа е очекувано за деца со оваа состојба. Најважно е што нашето дете се развива добро и изгледа среќно и сето тоа е благодарение на тимот составен од врвни експерти од ’Аџибадем Систина’. Што и да кажеме е малку, но едно е сигурно, стравот го претворија во надеж“, вели родителот.

АТРЕЗИЈА НА ЕКСТРАХЕПАТИЧНИ ЖОЛЧНИ ПАТИШТА – БИЛИЈАРНА АТРЕЗИЈА

Докторите што биле вклучени во операцијата и целосното лекување на детенцето објаснуваат дека оваа состојба, всушност, е конгенитална малформација која се карактеризира со атрезија, односно екстремно Откако беше поставена дијагнозата, со цел да ја обезбедиме најдобрата нега за нашето дете, истраживме кои сè доктори во земјава имаат искуство со оперирање на оваа состојба бидејќи е многу ретка. 39 стеснување до непроодност или потполно отсуство на луменот на екстрахепатичните жолчни канали. Најчесто се манифестира во новороденечкиот и доенечкиот период. „Оваа состојба клинички се одликува со жолтица односно холестаза, ахолична односно бела столица и темна урина, што упатува на опструкција на жолчката, односно оневозможување на физиолошкиот проток на жолчката до цревото. Кај подоцна препознаените и дијагностицирани случаи може да бидат присутни и знаци на напреднато оштетување на црниот дроб како што се асцитот, венските варикозитети или порталната енцефалопатија“, објаснува д-р Наташа Чучкова-Никчевска, педијатар.

КАКВА Е ОПЕРАЦИЈАТА?

Докторите велат дека лекувањето е исклучиво хируршко, бидејќи не постои лек што овозможува излекување на билијарната атрезија. Затоа и во овој случај интервенцијата била неопходна, но се завршило добро. Хируршката интервенција, впрочем, се прави за да се овозможи проток на жолчката од црниот дроб до цревата, со изведување на хепатоентеростомија по Касаи. Докторите објаснуваат дека процедурата се прогласува за успешна ако се постигне адекватен проток на жолчката, оджолтување на детето, пад на вкупниот серумски билирубин под 20 μmol/L, а столиците стануваат уредно обоени за три месеци по операцијата. „Како најзначаен независен фактор за исходот од операциското лекување се покажало дека се битни искуството на хирургот и болничкиот центар при изведување на хепато-портоентеростомија, како и максимална возраст на детето од 90 дена кога се прави операцијата. Како дополнителна терапија, постоперативно се даваат антибиотици, уреодеоксиколична киселина, нутритивна поддршка со која се осигурува 110-160 отсто од препорачаниот дневен калориски внес на храна и адекватна суплементација на витамини топливи во масти (А, Д, Е, К). Хируршката интервенција кај 60-80 проценти од децата доведува до квалитетна дренажа на жолчката“, вели доц. д-р Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија. Од постоперативните компликации најчесто се јавува воспаление на жолчните патишта – холангитис – кој зависно од интензитетот и бројот на повторувања на епизодите на холангит, може битно да влијае врз оштетување на црниот дроб и да го скрати неговиот функционален век. Потребно е редовно и долгорочно следење на состојбата на детето постоперативно, со цел обезбедување квалитетен раст, развој и живот на младите пациенти.

ДЕТЕ ШТО НЕ ЗАОСТАНУВА ЗАД ВРСНИЦИТЕ

Двајцата доктори објаснуваат дека кај ова детенце целиот процес, од преглед до дијагностика и оперативниот третман, бил многу брз, односно траел помалку од една недела. За време на операцијата детето имало само два месеца и веќе биле утврдени оштетувања на црниот дроб. Интервенцијата била успешна и првите два постоперативни денови биле одлични, што се должело на стручноста на изведената операција од страна на д-р Симеонов. Столицата почнала да се пребојува и почнало почетно оджолтување. „Меѓутоа, веќе третиот ден дојде до рапидно влошување, со појава на температура до 38° C и пораст на инфламаторните маркери за инфекција и повторно појава на бела столица и темна урина. Се зедоа сите потребни дополнителни тестови и анализи, а се изреагира веднаш дури и пред да се добијат резултатите, со цел да се минимизира оштетувањето на црниот дроб. Добивме резултати на високо покачен титар на антитела за цитомегаловирус, всушност, се работеше за хепатит, кој доведе до влошување. Во литературата стапката на истовремена цитомегаловирусна инфекција кај деца со билијарна атрезија се движи од 10 до 32 отсто, а овие деца имаат полоша прогноза и се потешки за лекување. По нашиот брз тераписки одговор, веднаш имавме подобрување по дадената терапија, со што детето успешно го премости и ова критично премрежје“, вели д-р Наташа Чучкова-Никчевска, педијатар. По ова следувал период на закрепнување, со постепено подобрување на состојбата. Сега детенцето има 6 месеци и е дете што по ништо не заостанува во однос на врсниците.