fbpx

ВО СКОПЈЕ ОДРЖАН МЕЃУНАРОДЕН МАСТЕРС-СЕМИНАР ЗА ХИРУРЗИ-ТРАУМАТОЛОЗИ И ОРТОПЕДИ

05.10.2023

Д-Р КАФТАНЏИЕВ: СО МЕЃУНАРОДНО ПРИСУСТВО ГИ ДОКАЖУВАМЕ НАШАТА СТРУЧНОСТ И ПОСВЕТЕНОСТ

Скопје е домаќин на меѓународен мастерс-семинар за хирурзи-трауматолози и ортопеди според програмата на меѓународната АО-фондација. Претседавачи на курсот се: професор д-р Игор Кафтанџиев, медицински директор на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и професор д-р Теодорос Тосоунидис од Универзитетската болница во Крит, Грција.

Насловен „АО Траума – Повреди на горен екстремитет“, семинарот е одлична можност да се разменат искуства и да се слушнат предавања од реномирани хирурзи и предавачи од Луксембург, Латвија, Израел, Хрватска, Грција и Македонија. Од друга страна, триесетина хирурзи и специјализанти што ги следат предавањата заедно со предавачите активно учествуваат во дискусиите за медицинските случаи.

„Одржувањето едукативни настани според програмата на АО-фондацијата во нашата држава веќе стана традиција. Имено, во 2017 година беше одржан првиот ваков семинар и тој беше посветен на повредите на горниот екстремитет. Истовремено, со одржувањето на првиот семинар, тогаш беше формиран и македонскиот огранок на АО-фондацијата“, вели д-р Кафтанџиев.

Тој смета дека формирањето е од исклучителна важност за Македонија и додава дека со тоа се отвориле бројни можности за едукација на младите хирурзи од нашата држава во странство со учество на семинари и курсеви, како и стипендии за посета на реномирани болници во други држави.

Вели дека оваа година токму македонскиот огранок на АО-фондацијата добил голема чест и доверба да биде домаќин и на Годишното собрание на сите европски АО-ограноци, кое ќе се одржи од утре до 8 октомври, а на кое ќе присуствуваат околу 70 претставници од сите европски земји. Во истиот период треба да се одржи и семинар за справување со професионалниот стрес и справување со професионалните грешки.

„Заедно со Собранието, во Скопје ќе се одржи и традиционалниот настан ’ALIS – A lifetime in surgery(цел живот во хирургија)’ кој е посветен на справувањето со професионалните грешки и стресот на работното место. Во продолжение на овие настани, ќе биде организирана и рекреативна тура со велосипеди, на која учесниците ќе имаат можност да ги видат природните убавини на Македонија“, вели д-р Кафтанџиев.

АО-фондацијата е непрофитна организација предводена од интернационална група хирурзи специјалисти од областа на траумата и ортопедијата,  формирана во 1958 година со седиште во Давос, Швајцарија. Претставува глобална мрежа на повеќе од 520 000 здравствени професионалци.  Секоја година  А0 – фондацијата организира околу  870 едукативни настани, семинари, курсеви со над 8 000 предавачи и повеќе од 82 000 учесници.

 Во текот на последните децении ги дефинира стандардите во лекувањето на повредените, но и придружните заболувања поврзани со остео-артикуларниот систем. Во неа членуваат над 16 000 хирурзи и научници од повеќе од 100 земји во светот. Фондацијата е посветена на едукација, истражувања и развој од областа на траумата и ортопедијата, сè со цел да се постигне најдобар можен третман за пациентите.