fbpx

ВО ПЕДИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА НА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ВОВЕДЕН СОВРЕМЕН СИСТЕМ ЗА ПРИМАЊЕ ТЕРАПИЈА (ЦЕНТРАЛЕН ВЕНСКИ ПОРТ) КАЈ ДЕЦАТА СО НАЈТЕШКИ ЗАБОЛУВАЊА

04.09.2020

AcibademSistina Pedijatrija

Со отворањето на новата Педијатриска болница и одделот за детска кардиохирургија и интензивно лекување за прв пат почна да се применува и нов современ систем за примање на терапија кај децата со најтешки заболувања, вградување на таканаречен поткожен венски порт. Д-р Владимир Чадиковски, шеф на одделот на детската кардиохирургија, вели дека во болницата има комплетно обучен кадар за изведување на оваа процедура. Во тимот се детски кардио/васкуларен хирург, детски онколог хематолог, детски анестезиолози, педијатри интензивни, детски радиолози, кардиолози кои се експерти од електрофизилогија и обучени сестри за третман на тие деца на кои им е потребен таков уред. Просторот располага со соби со негативен притисок за заштита од инфекции и две катетеризациски оперативни сали.

„Со оваа процедура, новата Педијатриска болница во Аџибадем Систина покажува дека се грижи и за децата кои имаат потреба од одржување на интравенска линија повеќе недели или месеци“, вели д-р Чадиковски.

Објаснува дека оваа интервенција се применува на деца кои имаат потреба од цитостатска терапија, интравенска нутриција или интравенски течности. Портот се користи за често земање крв за анализи, давање крв и крвни деривати, за хемодијализа, за примање на фактори за коагулација и за останата долготрајна терапија кај хронично болни деца.

Инаку, поткожен порт е всушност централен венски катетер што се поставува под кожата, најчесто под десната клучна коска. Се состои од поткожна комора преку која се овозможува боцкање или давање медикаменти и катетер-мало цевче кое се пласира во поголеми крвни садови кои овозможуваат медикаментите и нутритиентите да достигнат во крвотокот. Медициснки поткожниот порт кај деца се става со општа анестезија со запазување на сите протоколи за стерилност, со изведување на процедурата во катетеризациона оперативна сала под ултразвучна контрола.

detska kardiohirurgija operacija

„Во нашата болница се овозможува и грижа на портот што опфаќа задолжително промивање на катетерот со хепарин на секои 4 недели, како и вадење на портот кога повеќе не е потребен. Еден порт може да остане поставен многу долго време, со што се поштедуваат децата од болката и стресот од честото боцкање. Со поставеноста под кожа се добива сигурност од вадење или изместување на централниот венски катетер. Се намалува ризикот од иритација на крвниот сад, вели д-р Чадиковски.

Тврди дека кај некои видови портови истовремено може да се дадат повеќе од еден вид лекови или раствори. За портот е потребно помало одржување и грижа, бидејќи се наоѓа целосно под кожата и не е потребно секојдневно промивање. Објаснува и дека долгорочниот ризик од инфекција е помал во споредба со другите венски катетри.

detska kardiohirurgija operacija

Ова е исклучително важно и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на ваков начин докажува дека се грижи за децата применувајќи најсовремена опрема. Поставувањето поткожен порт е вообичаена постапка за време на третманот на малигни заболувања кај деца и има важни придобивки за пациентите и семејствата.

Важно е да се напомене дека хируршките компликации во пласирањето на поткожниот порт се под 2 отсто.

Д-р Чадиковски вели дека „Аџибадем Систина“ нуди целосна и темелна информираност на семјествата, како и едукација во однос на одржувањето и негата на портот.