fbpx

ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ НАЈСОВРЕМЕН АПАРАТ ЗА ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ НА ГЕРБ – 24-ЧАСОВЕН ТЕСТ СО ИМПЕДАНЦА

28.11.2023

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се набави и почна да се применува најсовремена дијагностичка постапка кај децата за гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ). Станува збор за 24-часовен тест pH-метрија со импеданца, кој е еден од најефикасните методи за дијагностика на оваа состојба и е многу безбедна и безболна процедура. „Аџибадем Систина“ е единствената болница во земјата што го поседува овој најнов апарат и во која се изведува ова дијагностичко испитување.

ГЕРБ или гастроезофагеална рефлуксна болест е долгорочно и хронично дигестивно нарушување, кое настанува кога содржината на желудникот се враќа назад  во хранопроводот (рефлуксира). Тоа е посериозна и долготрајна форма на гастроезофагеален рефлукс (ГЕР), која се одликува со компликации на рефлуксот.

Д-р Наташа Чучкова-Никчевска, специјалист по педијатрија во болницата „Аџибадем Систина“, објаснува  дека со помош на овој метод се проверува движењето на  рефлуктираните материи, како што се, на пример, течности, храна и воздух по хранопроводот, киселини итн., височината на рефлуксот и неговиот состав. Во процедурата се бројат рефлуксни епизоди, се регистрира дали рефлуксите се кисели, слабо кисели или некисели и што е најбитно, дали тие рефлуксни епизоди се поврзани со симптомите на болест кај пациентот. Најчесто децата со рефлукс имаат симптоми на чести повраќања, ненапредување во тежина и растење или респираторни проблеми како хронични кашлици и астма, која недоволно се подобрува по дадената терапија.

„Тестот е безбеден и безболен и се изведува со поставување сонда во ноздрата на детето во текот на 24 часа. Другиот крај на сондата е прикачен на мал монитор, кој ги снима  рефлуксните епизоди и pH-нивоата на рефлуксот. За тоа време, детето може да ги извршува своите вообичаени активности. Дополнително, потребно е да се води дневник за сите симптоми што детето ги чувствува , а се води и евиденција за времето, видот и количината на храна што детето ја јаде“ – објаснува д-р Чучкова-Никчевска.

Оваа метода на дијагностицирање служи за утврдување на соодветен персонализиран план за лекување на децата со рефлуксна болест. Во голем број случаи, промените во исхраната и начинот на живот можат да помогнат да се олесни ГЕРБ, додека, пак, препишувањето лекови или извршувањето интервенции за лекување на состојбите поврзани со ГЕРБ се многу поретки.