fbpx

Вградено трето вештачко срце, „Аџибадем Систина“ отвора врата за најсовремената медицина

15.02.2019

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ успешно беше изведена трета имплантација на вештачко срце. Станува збор за 52-годишен пациент кој во „Аџибадем Систина“ беше префрлен од охридската болница, но со знаци на опуштање на левата и десната страна на срцето. Проф. д-р Александар Николиќ вели дека со оваа интервенција, трета по ред, се докажува оти оваа програма заживува, а „Аџибадем Систина“ докажува дека е пример и лидер.

Поради состојбата во која бил донесен пациентот, тој веднаш бил ставен на апарати за дишење, а по неколку часа и на балон-пумпа.

„По два дена се исцрпи можноста што ја нуди оваа пумпа па моравме пациентот веднаш да го приклучиме на ECMO-апарат. Последните два дена неговото срце не работеше поради лошата здравствена состојба. Тој претходно имал инфаркти кои му го оштетиле мускулот на срцето, односно неговата сила беше само 12 отсто. Кога добивме одобрување да го направиме вештачкото срце, веднаш го имплементиравме. Иако пациентот има проблеми со црниот дроб, операцијата помина добро. Вештачкото срце ги презеде сите функции, но пациентот и натаму е во тешка состојба“, вели доктор Николиќ.

Сега пациентот е на интензивна нега, но со подобрени ензими и со очекувања да заздрават и бубрезите. Доктор Николиќ вели дека во болницата има визија и за уште понапредни интервенции.

„Оваа програма за вештачко срце зажива и претставува пример за другите болници, кои почнаа да ја применуваат кај нив. Сите почнаа да ги користат и пумпите што ние ги промовиравме. Ние отворивме нова врата во поле во кое досега не се влегувало. Ние сме потполно подготвени, и технолошки и кадровски, за трансплантација на срце“, вели Николиќ.