fbpx

Прва кардиохируршка интервенција на предвремено родено бебе

26.09.2014

Прва кардиохируршка интервенција на предвремено родено бебе

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е направена првата кардиохируршка интервенција на предвремено родено бебе под еден килограм. И покрај сложеноста и ризикот, проф. д-р Салис Таџер успешно ја оперираше Катја. Оваа интервенција беше клучна за нејзиното понатамошно лекување и развивање. За време на операцијата Катја беше стара 34 дена и тежеше 830 грама.

„Бидејќи нејзината тежина беше под еден килограм, операцијата беше многу ризична со можност за преживување од 20%. Не постоеше можност да се префрли во операциона сала бидејќи Катја беше на респиратор со тубус. Хируршкото затворање на дуктусот го направивме во инкубатор во интензивната неонатална нега. Од нас се бараше голема прецизност бидејќи ако само малку се тргнат белите дробови и срцето на страна тоа може да направи застој на срцето. Направивме коронарна хирургија на крвни садови од 2-3 милиметри. По интервенцијата малата Катја добро напредуваше а дијафрагмите се активираа. Интервенцијата е завршена и веќе нема да има проблеми со дуктусот.“ изјави проф. д-р Салис Таџер кардиохирург во Клиничката болница „Аџибадем Систина“

Катја помина 100 дена во неонатална интензивна нега

Катја Тодоровска е родена предвреме, во 26. гестациска недела од бременоста, со ниска родилна тежина од 830 грама. Грижата и борбата за нејзиниот живот започна уште во родилната сала. Со оглед на незрелоста и малата родилна тежина, од клучно значење беше навремената примарна реанимација, по што следеше поставување на Катја на апарати за вештачка вентилација. Така започна 100-дневното лекување на Катја. Лекувањето беше во согласност со сите протоколи за предвремено родени, со постојан мониторинг на сите витални функции.

„Опасност од рани компликации се јавуваат постојано и бараат огромен ангажман во нивното решавање. По две-три недели поминати со асистирано дишење, лекувањето почна да дава резултати. И токму кога мислевме дека лесно ќе оди одвикнувањето од респираторот, се појави нов проблем. Еден крвен сад кој ги поврзува големите артерии (ductus arteriosus) остана отворен. Ваквата кондиција го отежнуваше лекувањето и водеше кон нови компликации. По интервенцијата работите потоа одеа полесно, бебето просто растеше пред нашите очи, секојдневно се менуваше и созреваше. “ изјави д-р Симонида Спасевска педијатар.

За цело време на престојот, Катја добиваше огромна љубов и посветеност од целиот тим неонатолози и медицински сестри. По 100 дена Катја си замина дома, како бебе старо 3,5 месеци и тешко 1680 грама.

„Ние го исполнивме нашето ветување, Катја ја напушти болницата во прегратките на мама и тато.“ изјави д-р Симонида Спасевска.

Катја се роди по 4-тото Ин витро оплодување направено во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. И покрај тоа што шансите за потомство биле мали, на крајот се роди малата Катја.

„ Бевме упорни, се боревме и заедно со Марина успеавме! Бременоста ја водевме тимски заедно со д-р Гордана Петровска. Морам да го пофалам целиот тим на неонатолози кои професионално си ја завршија работата и го одржаа во живот ова мало човече. Најмногу од сè Катја е мал борец која на сите ни легна на срце и посебно сме горди. И покрај сите тешки моменти во кариерата, еден ваков случај ви дава сила. Тоа е наша најголема инспирација и мотив да продолжиме.“ изјави д-р Слободан Лазаревски шеф на центарот за ИВФ.

И покрај сите напори на докторите, Катја мораше да се роди во 26-тата недела. „Бременоста беше многу мала, но надежта и борбата за живот голема. Најтешка беше одлуката за начинот на породување поради акушерската историја и капацитетот на матката. По разговорот со семејството одлучив дека, сепак, е најдобро раѓањето да биде вагинално. Заедно со подготвена екипа од неонатална интензивна нега, одличната соработка на Марина и моралната поддршка од нејзиниот сопруг, кој присуствуваше на породувањето, на свет безбедно дојде малата Катја. Во тој момент родилната сала освен со слабиот детски плач, беше исполнета и со солзи радосници, но и со голема неизвесност за судбината на Катја.“ објаснува д-р Гордана Петровска гинеколог акушер.

Доктор Александар Сајковски шеф на Одделот за неонатална интензивна нега, каде Катја ги помина првите 100 дена од својот живот истакна дека Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е подготвена успешно да се справи со сите предизвици на предвремено родените бебиња. Тој дополни дека заедно со малиот херој Катја, кој целиот тим од болницата ја обожува растеме и ние. Нејзиниот живот е наша инспирација, зошто постоиме и зошто се бориме.

Видеото за Храброто срце – Катја може да го погледнете на следниот линк.

 

[widgetkit id=12]