fbpx

Ендоваскуларно стентирање на аневризма на торакална аорта

20.10.2015

За првпат во Македонија ендоваскуларно стентирање на аневризма на торакална аорта

За прв пат во Р Македонија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е поставен стент на аневризма (поточно трауматска трансекција) на торакална аорта преку ендоваскуларен пристап. Со изведување на оваа интервенција, од проф. д-р Салис Таџер, кардиоваскуларниот центар во „Аџибадем Систина“ стана дел од референтните медицински центри, кадешто оваа интервенција се изведува рутински.

Предности на TEVAR во однос на класичната хирургија

Интервенцијата TEVAR (ендоваскуларна реконструкција на аорта) е понов пристап во решавање на аневризма на торакална аорта за разлика од конвенционалната хирургија. Според досегашните искуства, со оваа интервенција смртноста е значително пониска, а компликациите се и до 5 пати помали во споредба со класичната хирургија, каде пристапот до торакалната аорта е преку голем рез на левата страна на градниот кош.

Ендоваскуларниот пристап се изведува преку мал рез во препоната, каде со тенка цевка, катетер, преку феморалната артерија се стигнува до местото на проширување на торакалната аорта. Преку неа директно се воведува стент графт под контрола на рендген и се поставува во заболениот дел на аортата. Со отворањето и фиксирањето на стентот, аневризмата се исклучува од крвотокот а аортата станува рамномерна цевка со нормална голема. Со оваа интервенција, заздравувањето на пациентот е за пократок временски период и со помалку болнички денови.

Кај конвенционалната хирургија пациентот се поставува на екстракорпорална циркулација со ладење и со дренажа на рбетниот мозок, и се извршува ресекција на заболениот сегмент на аортата. Целата интервенција треба стратешки и тактички добро да е испланирана, во спротивно компликациите се многу сериозни. Најсериозна компликација е парализа на долните екстремитети, која се случува и до 15% од случаите.

TEVAR е рутинска процедура во референтите центри

Во светот е тренд, кога за тоа постојат услови, торакалната аорта да се реши со ТЕVAR. Во некои случаи е потребна и претходна васкуларна бај пас операција за да се постават услови за TEVAR. Заедничкиот ризик на вака планирана интервенција со 2 процедури е понизок од конвенционалната хирургија.

Оваа интервенција за прв пат е направена во 1994 госина а од 2005 е одобрена од ФДА и истата почнала да се применува и во американските болници. Во Македонија, за оваа интервенција пациентите беа препраќани во соседните земји. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е кадровски и технички опремена за овие интервенции да се изведуваат рутински .

[widgetkit id=53]