fbpx

Уметност на утехата

08.02.2019

Една од најлошите работи кои некој може да му ги каже на болен или унесреќен човек е: Биди позитивен! Држи се! Главата горе! Можеш ти! Ајде, живни малку.

Ова иритантно бодрење на една страдална и уплашена душа влијае така што неа ѝ станува уште полошо! Ваквото псевдободрење – од страна на луѓе кои сметаат дека прават добра работа, всушност може толку многу да го депримира човек што тој може да западне во уште полоша состојба на безнадежност и тага. Од друга страна, да не грешам душа, тие луѓе не се виновни што изговараат бесмислени работи што имаат контраефект, затоа што никој не е виновен за нешто што не го знае, а незнаењето најчесто доведува до сериозно чувство на самоувереност, па така, стануваме убедени дека ја правиме вистинската работа. Што не е во ред со овие реченици?

Па, работата е едноставна. Кога човек е скршен, убиен во поим, депресивен и очаен, единствениот начин на кој може да се допре до него е почетна емпатија, односно разбирањето за неговата состојба. Со вакви квази стимулирачки реченици, јазот впрочем се зголемува, личноста која е очајна почнува да се чувствува уште поочајна поради инфериорноста која овде е импутирана. Бидејќи кога некој ќе ти каже – биди позитивен, живни малку, можеш ти тоа – тој всушност ти порачува дека си слаб и дека ти е лошо и ја потврдува и така лошата ситуација.

Доколку не спаѓате во оние луѓе кои низ исконски хумор можат да утешат човек, што и да го има снајдено на скалата на несреќи – од смртен случај до љубовна разделба – тогаш барем не изговарајте ги овие псевдо охрабрувачки клишеа од кои не само што нема корист туку можат да бидат и контрапродуктивни. Друга пречка е и стравот, кога човек чувствува страв од смрт, болест, банкрот, развод, тој не само што не може да утеши никого туку ефектот е застрашувачки! Стравот го парализира мозокот па и центрите за хумор и емпатија. Личност која е во страв не може да се утеши ниту себеси, а камоли некој друг. Но, нашето општество е такво што формата ни е над сѐ. За некој да не се навреди, доаѓаат да го тешат толку преплашени луѓе што често ним им треба седација.

Тешењето е витешка особина – тоа не е за секого, за да може човек некого да утеши, пред сѐ мора да биде хиперсензитивен и да ги чувствува туѓата мака и болка. Потоа, мора да биде храбар бидејќи кукавиците само шират страв. Понатаму, мора да биде интелигентен за да сфати кои зборови му се потребни на кој човек. И на крај, мора и сам да биде полн со вера и со надеж бидејќи лажните емоции се навредливи.

Дополнително на сето ова, мора да биде духовит бидејќи смеата најдобро знае да ги избрка тагата, очајот и грижата. Затоа секој човек треба добро да размисли дали воопшто има особини да може некого да теши, за да не направи уште полошо поради формата.

Искрено, ништо не ми беше понеподносливо во моментите на исконска болка и очај како тие празни куражни реченици, а тоа ми го потврдиле и други луѓе кои на еден или друг начин биле жртви на лажни утешители. Бидејќи фејк утешители се исто што и фејк добротвори. Тоа се оние што велат – тука сум ако треба нешто, а не дај Боже да им кажеш што треба… значи утехата е уметност на контакт на душите, а не општествена конвенција и хипокризија. Навистина, личност со изразена смисла за црн хумор може да има полза, односно тоа гротескно тешење да ѝ биде толку смешно што таа смеа може да ја живне. Сепак, процентот на оние со смисла за црн хумор е ограничен, посебно во ситуациите кога на човек му доаѓа да се убие.

Затоа, секој за себе по еден мал тест – дали имам капацитет да бидам утешител или подобро да не глумам.