fbpx

Марија Дејковска, 23 Вевчани

04.04.2014

Болеста е тешка битка за секој човек. Во тие моменти надежта и волјата за живот се најголемите сојузници да издржиш и да победиш. Но, кога ќе ти ја убијат и најмалата надеж, не ти останува ништо освен да веруваш во чуда, дека ќе продолжиш да живееш. Јас на 15-годишна возраст се соочив со оваа сурова реалност. 

Родена сум со тешка срцева аномалија. На една година направена ми е операција, а докторот предвидел дека сигурно ќе ми биде потребна уште една интервенција. На 15-годишна возраст лекарите ми рекоа дека морам да се оперирам ако сакам да живеам. Од тој момент започнува мојата борба.

Девет години молев за спас, барав доктор кој ќе го оперира моето срце. Се обратив во Србија, Словенија и Бугарија, но ниту еден кардиохирург не сакаше да ја направи интервенцијата која ќе ме спаси и ќе ми овозможи да имам нормален живот.

Почнавме да бараме кардиохирурзи, каде ни препорачуваа, таму одевме. Но наидовме на затворени врати. Прво помош побаравме во Белград, докторот потврди дека ми е потребна операција, но поради комплицираноста не се нафати да ме оперира. Истото се случи и во Бугарија. Ме примија во болница, ми направија испитувања и ми закажаа операција. Бев пресреќна дека, конечно, ќе се спасам. Но, во последен момент, пред закажаниот термин, ми кажаа дека ќе ме испишат од болница. Последниот обид беше во Словенија, и таму го добивме истиот одговор. Почнав веќе тешко да дишам. Бев многу малаксана, немав сила да изодам ни неколку метри, се задишував. Имав чувство дека нешто ме стега во грлото, не можев да издржам. Сѐ повеќе ми се влошуваше состојбата, од година на година сè повеќе пропаѓав.

Бев уморна од сè. Сите доктори го велеа истото, но никој не сакаше да преземе нешто. Веќе изгубив и волја и надеж да се борам со болеста. Додека пропаѓав низ годините немаше кој да ми подаде рака. На последниот контролен преглед докторот ми препорача да се јавам кај проф. Д-р Салис Таџер, кардиохирург во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

По направените испитувања, професор Таџер ми рече дека ќе се нафати да ме оперира. Не можев да верувам дека ги слушам овие зборови по цели 9 години. Воопшто не ме интересираше што ќе се случи, сакав само овој кошмар да заврши.

Се сеќавам дека се разбудив со ново срце. Веднаш ја повикав мајка ми, со која заедно се боревме овие години, и ѝ реков „Мамо, повторно сум родена“.

Му се заблагодарувам на д-р Салис Таџер и на целиот тим доктори и анестезиолози од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ што ми го спасија животот.

Ви благодарам за сѐ, Вие сте мојот херој.

Марија Дејковска, 23 Вевчани

 

{backbutton}