fbpx

Нашата ѕвездичка Катја денес е здраво и среќно девојче

15.11.2017

Оваа моја ѕвездичка не изгледаше секогаш вака. Ова лиценце, овие најмили очиња и најтопли рачиња не изгледаа секогаш вака нормално. Пред три години и десет месеци, во 26. гестациска недела на свет дојде едно мало бебенце кое тежеше 830 гр и беше долго само 32 сантиметри. Повеќе личеше на мало кревко маче отколку на бебе. Вие, родители кои го имате доживеано ова и вие кои во моментов го доживувате истото, разбирате најдобро како изгледа тоа. Изгледа страшно, остава без здив, шокира… Не верувате дека нешто такво може да постои, а сепак тоа е вашето сè! Вашата љубов, вашата желба, копнеж…вашата ѕвездичка.

Долг и многу трнлив беше патот што го изоде нашата ѕвездичка Катја, а со неа и сите ние, заедно со вас безвременски луѓе. Тргнувајќи од доктор Лазаревски и доктор Петровска, кои се грижеа за мојата бременост, нашата најсакана доктор Симонида и сите други неонатолози, проф.д-р Салис Таџер, кој го изведе најголемото чудо, заедно со неговиот тим и незаменливите сестри од интензивната нега. Но, најголемата сила ја имаше токму Катја, која на својот грб  ги носеше сите предизвици, а ние бевме тука да ѝ подадеме рака. Иако мала, толку кревка и навидум стаклена по точно 100 дена борба за живот, таа успеа. На сите ни докажа дека чуда навистина се случуваат.

Катја денес е девојче кое го открива светот низ игра како сите други деца.  Таа е среќна, палава, љубопитна и понекогаш многу тврдоглава наша умница! Оди во градинка, има другарчиња и многу ги сака нејзините учителки.

Нашиот победнички тим  доктори успеа и по вторпат да донесе на свет уште една наша ѕвездичка. Сосема неочекувано, по две и пол години нè изненади Горјан, братчето на Катја, кој се роди во 34. гестациска недела и за само 5 дена си замина дома здрав и жив.

Денеска, по толку години борба, ние сме комплетни. Родители сме на две здрави и среќни предвремено родени дечиња. Бескрајно сме горди на нашите херои!

Родители на предвремено родени дечиња, верувајте, бидете тука за нив, подадете им рака, тие мали но храбри ѕвездички ќе успеат, ќе дојдат до крајот на „патот без крај”! Ќе го направат овој свет  многу побогат имајќи ги нив во него!

„Аџибадем Систина“, одново и засекогаш, Ви благодариме!

Со љубов,

Марина, Дарко, Катја и Горјан.

[widgetkit id=84]