fbpx

Влеговме во тешка битка, излеговме како победници

04.11.2016

Длабока венска тромбоза на нозете, белодробна емболија, нефункционален бубрег поради присуство на бубрежен камен веќе 20 години. Овие три здравствени проблеми и низа компликации беа повеќе од доволни 67-годишната Блага Велова да навлезе во тешка здравствена состојба која не дозволуваше да се изведе потребната операција за отстранување на бубрегот. По еден месец континуирана грижа од мултидисциплинарен тим од специјалисти по кардиологија, анестезија, пулмологија, урологија и нефрологија кај пациентката беа ставени под контрола сите компликации и беше успешно изведена операцијата.

Со висока температура, која траела и покрај примена на антибиотици, болка и отоци во нозете, изнемоштеност губиток на здив и општа слабост Блага Велова е хоспитализирана на Одделот за интерна медицина и кардиологија во „Аџибадем Систина“. По изведените дијагностички испитувања кај пациентката се дијагностицира присуство на уринарна инфекција, камен во десниот бубрег, длабока венска тромбоза на нозете, белодробна емболија, губење крв… Мултидисциплинарниот тим доктори веќе знаеше дека претстои сериозна состојба која е потребно ургентно да биде решена.

Blaga velova 4

„Со примена на висока доза антибиотици од широк спектар, антикоагулантна терапија, и друга симптоматска терапија успеавме да ја ставиме под контрола здравствената состојба на Блага. Но, константната покачена температура и другите компликации кои ги даваше воспалението на бубрегот ни дадоа до знаење дека тој мора да се отстрани за да се спаси пациентката. Главниот проблем кој требаше да се реши беше вадењето на бубрегот, но со сите настанати компликации, Блага не беше во можност да ја издржи интервенцијата. На конзилијарниот состанок, и покрај кардиоваскуларниот и пулмонален ризик беше донесена одлука за изведување на операцијата од страна на проф. д-р Лековски“, вели д-р Мешковска.

„Единствено решение за здравствената криза на пациентката беше отстранување на нефункционалниот десен бубрег, кој повеќе од 20 години имал бубрежен камен со големина од 4,5 цм. И покрај придружните заболувања, операцијата помина во најдобар ред и кај пациентката беше отстранет бубрегот. По операцијата следуваше период на следење на сите други параметри, кои од ден за ден кажуваа дека здравствената состојба на пациентката полека но сигурно доаѓа во нормала“.

На хируршкиот стационар за Блага се грижеше и тимот на физиотерапевти, чија задача беше пациентката повторно да застане на нозе. Грижата од специјалисти од повеќе области резултираше со успех. 67-годишната Блага Велова од Битола ја напушти болницата во добра здравствена состојба и се заблагодари на целиот тим кој се грижеше за неа и ѝ го спаси животот.

„Ова беше многу тешка битка, но на крајот излеговме победници. Голема благодарност до целиот тим, до професорот Лековски, д-р Даниел Јакимоски, д-р Снежана Мешковска Бонгард, анестезиолозите, медицинските сестри кои се грижеа за мене. Сите заедно успеаја да ме спасат и да ми подарат втор живот. Толку сум благодарна што сакам целиот свет да дознае колку е професионална оваа болница, за да знаат каде да го најдат лекот за себе“, вели Блага со насмевка на лицето.

Со позитивна енергија и многу планови за животот замина од „Аџибадем Систина“. Освен контролните прегледи, Блага нема да има потреба од дополнителна терапија.

[widgetkit id=72]