fbpx

Мојата приказна за предвремено родениот син

16.11.2017

До сите сегашни и идни родители,
Се викам Марија и имам две деца, два сина, Стефан и Андреј. Како мала посакував кога ќе пораснам да имам деца. Желбата да имам синови некако интуитивно беше всадена во мојата идилична слика за себе уште од детството. Оној период кога сите девојки си ја замислуваат својата свадба, невестинскиот фустан… тој филм. Имам сестра помала од мене, а и во моето семејство роднините се претежно од женски пол. Затоа јас „одлучив” дека ќе имам синови кога ќе пораснам и ќе оформам свое семејство.
Со мојот прв син, Стефан, имав прекрасна бременост, износена полни 40 недели, одев на работа речиси до самиот крај. Се породив во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со царски рез поради фетален дистрес за време на породувањето, што и не е редок случај. Добро е што науката секојдневно се развива и што ете постои алтернативен начин да се породи една жена.

Родителството носи многу радости, но и предизвици

Стефан нè внесе со сопругот во една нова ера. Толку многу одлуки се носат речиси секојдневно и ние како родители треба некако магично да знаеме сè и за сè да имаме оформено мислење. Колку бил убав животот кога е комплексен и исполнет најубаво знае да ви каже „новопечен” родител. Не помина долг период кога посакавме нашиот Стефан да си добие друштво. Втората бременост се случи набргу потоа и се одвиваше како и првата, школски пример на бременост, како што велат докторите. Веста дека повторно ќе станам мајка на уште еден син посебно ме израдува, како онаа изреката од Коељо, „ако нешто доволно сакате, цел универзум ќе се потруди таа желба да ви се исполни“.

8 недели пред крајниот термин Андреј реши да дојде на свет

И така се случи, но порано отколку што очекувавме. Малку порано отколку што требаше… 8 недели порано. Беше зима, имаше многу вируси и болести во тој период, се разболев и примив многу лекови, правев инхалации, одморав, земав две недели боледување, но ништо не можеше да го спречи моето предвремено породување. Тоа искуство е шок за секоја мајка, горка вистина на т.н. неуспех да се износи бременоста до крај. Мајката секогаш чувствува најголема одговорност (и вина) за детето кое треба да го донесе на свет. Андреј се роди со итен царски рез во 32. гестациска недела. Како секое предвреме родено бебе веднаш по породувањето го сместија во инкубатор во Одделот за неонатална интензивна нега. Беше во добра здравствена состојба и дишеше самостојно, тоа беа првите вести кои ги добив додека бев на интензивна нега постоперативно.

Нашата прва средба – радост помешана со тага, страв и неизвесност и многу прашалници

Сопругот прв го виде нашиот новороден син и ми покажа неколку фотографии кога првпат дојде да ме посети во соба. Беше тоа малечко розово бебе кое лежи голо во инкубатор, ништо вознемирувачко, напротив прекрасно. Зборуваме за тоа колку се исти и двајцата, Стефан и Андреј навистина си личат еден на друг. Подоцна тој ден застанав на нозе и прво што направив беше да го посетам моето бебе. Ништо не може да ве подготви за тој чин, за тоа прво искуство кога ќе влезете во неонатална интензивна нега. Светла и воочливо стерилна просторија наредена со инкубатори, навидум празни, но на втор поглед веќе забележувате дека всушност не се. Смирувачката тишина е ненадејно и на редовни интервали прекината од титкање и звуци од опремата. Доктори и сестри си ја тераат својата работа, една од нив свртена кон вас ве чека да ви го покаже местото каде што е вашето бебе.
Тешко е да се опише тој миг. Никој и ништо не може да ве подготви за тоа прво видување. Емоции на радост помешани со тага, страв и неизвесност и многу прашалници. Тешко се наоѓаат зборови да се изустат, а кога ќе ги слушнете тоа не е вашиот препознатлив глас. Како да е глас на некој друг, како на некој друг да му се случува ова, како сцена од филм. Снемувате сила во рацете и нозете и барате место да седнете. Со насмеано лице сестрата кажува позитивни и смирувачки информации.

Нашиот мал херој

Мојот Андреј беше толку мал и нежен и мирно си спиеше во својот инкубатор. Имаше едно цевче на рачето за инфузијата што ја примаше и една манжетна на ноџето за мерење на концентрацијата на кислородот во крвта. Ништо друго загрижувачко. Плиткото дишење, сосема очекувано кај предвреме родени бебиња, се нормализираше за 2-3 дена. Терапијата која ја примаше преку инфузија ја исклучија кога заврши и тоа беше тоа. Преостана само нашиот мал херој да се храни и да добие во тежина, да надомести за оној изгубен дел од гестацискиот развој.

Тим кој влева спокој и оптимизам

Стручниот тим на „Аџибадем Систина“, сите доктори- специјалисти, медицински сестри и сета таа организација и прекрасни услови во оваа приватна болница од ден на ден сè повеќе ни влеваа спокој и оптимизам. Зборови на благодарност и пофалба не постојат доволно за да ги искажеме нашето неизмерно задоволство и среќа што ја одбравме „Систина“ за установа која ќе се грижи за нашето семејно здравје. Не можам да именувам никој посебно, сметам дека не би било фер и затоа едно огромно БРАВО и БЛАГОДАРАМ на целиот тим на неонатална интензивна нега, неонатологија, педијатрија и гинекологија и акушерство.

14 дена на интензивна нега, а потоа време за нега дома

Без никакви компликации и без никакви дополнителни мерки, освен оние стандардните за предвреме родени деца, не беа потребни. Престојот на Андреј во болница траеше 14 дена, од кои два беа надвор од инкубатор за адаптација на надворешни услови, па така на 30 декември нашиот нов член си го донесовме дома. Сè уште многу мал и кревок, за нашиот Андреј беа неопходни грижа, нега и внимание, особено во тој напорен прв месец, но вреди. Вреди секоја непроспиена ноќ и секој ден кој може да биде тежок и физички и психички. И кога мислите ви се измешани со радост и тага, и кога се сомневате во секоја своја постапка, и кога погледот ви оди кон вратата за да се вратите назад во болницата, и кога сте заспале на некој пола час па се будите избезумени со нерационален страв и паника дека нешто не е в ред, и кога се јавувате на телефон на неонатолигија и барате совет за секоја ситница.

Една година потоа

Наближува веќе првиот роденден на Андреј. Тој е сè што една мајка може да посака. Весел и разигран, секогаш активен и љубопитен за светот околу себе. Бато Стефан е негов најголем другар и член од семејството кон кого има најголем интерес. Борбата за играчки и внимание никогаш не престанува. Домот ни е секогаш исполнет со врева и расфрлани играчки, но тоа е место каде што ние градиме најубави спомени.

Чести контроли, дигитална вага која скржаво го покажува напредокот на вашиот мал борец, но…

Ќе почувствувате замор како што никогаш претходно не сте почувствувале и деновите ќе се повторуваат како секој да ист. Ќе ви бидат исполнети со хранење, подждригнување и бљуцкање, менување пелени, грчеви и плачење. Плачење со и без некоја посебна причина. Кратки дремки и лишени од сон со недели и месеци. Контролни прегледи и онаа дигитална вага која скржаво го покажува напредокот на вашиот мал борец. Сето тоа може да изгледа како бесконечен циклус.

Но, не заборавајте …

Постои последен пат за сè. Ќе дојде ден кога вие ќе го нахраните вашето бебе за последен пат. Последен пат кога ќе го заспиете во раце, последен пат ќе се вратите во неговата соба за повторно да го заспиете по 10 пат таа ноќ. Последен пат кога ќе му ја смените пелената, последен пат ќе правите гу-гу га-га ремикс за да го слушнете тоа заразно бебешко кикотење. Последен пат кога ќе посегнете по туѓа помош затоа што знаете дека сега вие како мајка сте стручниот човек.
Работата е во тоа што нема да знаете дека е последен пат. Дека нема да има следен пат. И дури и тогаш ќе ви треба време да сфатите.

Додека ги живеете овие денови сетете се дека се избројани и кога-тогаш ќе завршат па ќе копнеете по уште еден ден од нив. Ќе копнеете за уште еден последен пат.

Ти си силна, ти можеш, ти ќе го истераш овој пат и твоето предвреме родено бебе ќе израсне во една здрава и прекрасна личност со која ќе се гордееш и неретко ќе знаеш да кажеш: „Видете го сега, а кога се роди имаше само само 1.720 грама”
– Марија

Andrej 3