fbpx

Сè функционира беспрекорно: Сестра Јелена Златиќ-Стоилов посветено во организацијата на работата на болницата во време на пандемија

13.05.2020

Jelena Zlatikj edukacija

Таа има сериозна задача во услови на пандемијата со Ковид-19, а првите денови по појавата на вирусот во земјава речиси и без сон целосно им се посвети на работните предизвици. Без помала посветеност, нејзиниот ангажман продолжи и до актуелниот момент. Јелена Златиќ-Стоилов како медицинска сестра за контрола и превенција на интрахоспитални инфекции има значајна улога во организацијата на работата на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во овие вонредни услови. Самата е дел од Кризниот штаб на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а како член и на Комитетот за интрахоспитални инфекции таа впрочем имаше улога во организацијата на работата на болницата, протоколите за работа, следењето на препораките, адаптација и постојана едукација за новините што се применуваат. Промена на дезинфекциски средства, лична заштитна опрема за персоналот, како и заштита на пациентите и посетителите – целиот тим треба да функционира беспрекорно, болницата да работи непречено и безбедно. Дополнително по највисоките стандарди за кои „Аџибадем Систина“ е акредитирана. Медицинската сестра за ИХИ впрочем го следи тековниот оперативен програм и при појава на суспектни ситуации, веднаш се спроведуваат соодветни мерки. Пандемијата со Ковид-19 вирусот ја промени комплетно работата на целата болница и го зголеми нивото на претпазливост на највисоко можно ниво.

Златиќ-Стоилов вели дека веднаш по појавата на вирусот во земјава, протоколите и процедурите за работа во „Аџибадем Систина“ биле подготвени за неколку дена. Комитетот се среќавал вонредно неколку пати, а комуникацијата на сите членови се одвивала секојдневно со нови препораки и промена на работните употства. Сестра Јелена Златиќ-Стоилов вели дека имала одлична соработка со персоналот во болницата и дека сите ја почитувале секоја препорака, секако без да се смени ритамот на работа во болницата.

Лично ситуацијата со заболувањето ја сфатила сериозно, така и пристапила кон работниот ангажман во ова времe. Вели дека она што на почетокот изгледало далеку, во Кина, брзо станало реалност за која до сега сме читале само во учебници. Но тврди дека менаџментот реагирал многу брзо. Така бил направен и планот за заштита во случај на појава на вирусот. По појавата, комплетно се применувал нов план за работа – за заштита на пациентите и вработените. Посебно се организирале смените на вработените по препорака на Министерство за здравство, но се подготвувале и за пречекот на нашите граѓани кои од странство се сместувале во карантините во хотелите „Ибис“, каде медицинските сестри од КБ „Аџибадем Систина“ се присутни како медицински надзор.

„Првите неколку дена поминаа без сон, со адреналин кој те одржува и прикриен немир поради стотици прашања кои ти се појавуваат секоја минута и пробуваш да најдеш одговор во препораките на медицинарите низ целиот свет. Моето работно место бара од мене да ги знам сите одговори, но оваа пандемија како светска енигма ни постави на сите многу прашања кои и најискусните епидемиолози не знаат да ги одговорат. По првиот шок од случувањата низ светот, немавме време за ‘прилагодување’ и моравме многу брзо да се адаптираме, затоа што нашите пациенти мора да се максимално безбедни, како и секогаш“, велис Златиќ-Стоилов.

А организацијата на установа која е акредитрана според највисоки стандарди е голем предизвик. Златиќ-Стоилов вели дека предноста на работата во „Аџибадем Систина“ е што болницата и во најтешките моменти располага со сите потребни дезинфекциски средства, врвна заштитна опрема и одлични услови за работа.

Jelena Zlatikj edukacija

„Ги следиме и менуваме протоколите зависно од она што се случува во светот, зависно од набавените средства за работа и од препораките на највисоките медицински и државни тела. Го едуцираме секојдневно персоналот, вршиме контрола на пациентите кои амбулантски и хоспитално ‘минуваат’ низ болницата, вршиме мониторинг на процесите на работа и правиме анализи и статистики. Нашата цел е една и единствена – безбедност и заштита на здравјето на сите“, смета Златиќ Стоилов.

Кога станува збор за пациентите, Златиќ-Стоилов вели дека секој хоспитален пациент е тестиран за присуство на вирусот и на тој начин се одредува нивото на преземање мерки за предострожност.

На работните состаноци со одговорните сестри и Комитетот за превенција и контрола на интрахоспитални инфекции е направен детален план од прием до отпуст на пациенти во вонредни услови и направена е едукација на целокупниот персонал за тоа да функционира.