fbpx

ПРОФ. Д-Р НИКОЛИЌ ВО ИСТА НЕДЕЛА ГИ ОПЕРИРАШЕ СОПРУЖНИЦИТЕ СТОИМЕНОВИ

13.05.2022

Се тешевме заедно, делевме иста болка, ист проблем, неизвесноста ја олеснувавме низ разговор, со зборови на утеха. Зборовите на Славчо Стоименов од виничкото село Пеклани се полни со емоција, но и среќа и благодарност дека здравствените проблеми сега се надминати. Судбината сакала тој и неговата сопруга Ратка Стоименова во ист период да појават симптоми на отежната работа на срцето. И интервенциите при кои им биле направени по неколку бајпаса се изведени со неколку дена разлика. Сега се чувствуваат добро, а набрзо ќе можат во целост да им се вратат на секојдневните обврски. Ситуацијата која е тешка за семејството и кога еден член е засегнат, Стоименови ја живееле со двојна неизвесност. Да, тоа е потешко, но Ратка и Славчо нашле начин и да си олеснат оти делеле ист здравствен проблем – па велат и дека така полесно го надминале. И двете операции ги направи кардиохируршкиот тим од „Аџибадем Систина“, предводен од професор д-р Александар Николиќ. Тој е задоволен од исходот и вели дека со малку поголема грижа овие сопружници ќе функционираат нормално во иднина.

storija nikolick

ГУШЕЊЕ И ЗАМОР

Славчо Стоименов има 62 години и сè уште е вработен. До операцијата на срцето дошло откако речиси две години чувствувал гушење. Неколку години во таква ситуација била и неговата сопруга Ратка. Се заморувале и сè потешко ги извршувале работните обврски. Сепак испаднало да станат итни пациенти токму во ист период. „Тешко се движев, брзо се заморував. Пред десет години пушев, но сега веќе не и искрено со сопругата живееме здраво, живот без пороци. Кај мене направија бајпас исто како и кај сопругата. Двете интервенции се со една недела разлика, односно кај неа операцијата се направи подоцна. Откако завршија операциите се тешевме заедно, делевме иста болка, ист проблем. Чувствувавме неизвесност од тоа како ќе помине, но, за среќа, сега сè е во ред“, вели Стоименов. Неговата сопруга сведочи дека пред интервенцијата исто така чувствувала гушење. Таа има 63 години. „Имав проблеми со дишењето, ме гушеше срцето, не можев да дишам убаво. Ми се случуваше, да направам неколку чекори и ако не застанам, не можам да продолжам да одам. Се заморував многу брзо. Овој проблем го имав неколку години. Прво се сомневаа во жолчката и бев оперирана во Струмица. Сепак, проблемот и натаму остана. Јас повторно имав потешкотии со дишењето. Потоа направив дополнителни испитувања по што се потврди дека треба оперативен зафат. Тогаш го побаравме професорот Николиќ и тој ме оперираше“, вели Стоименова. И двајцата тврдат дека сè поминало најдобро затоа што биле во добри раце и во Клиничката болница „Аџибадем Систина.“

Презадоволна сум од него, од целата услуга во болницата, сестрите и целиот персонал. Многу професионален пристап и навистина сме среќни што дојдовме овде“, вели Стоименова.

ИТНИ СЛУЧАИ ВО ИСТО ВРЕМЕ

Д-р Николиќ вели дека двајцата сопружници дошле во „Аџибадем Систина“ како итни случаи, прво сопругот, а потоа неговата сопруга. „Ги донесоа итно од штипската болница. Дента кога го пуштивме Славчо ја опериравме сопругата Ратка. Кај двајцата направивме четири бајпаса. Заздравувањето е добро и без проблем. Сега се враќаат во нормала. Ова ќе биде предизвик и за нив, но од друга страна, затоа што заедно во исто време го поминуваат овој проблем, ќе може да си помагаат. Треба да одмораат еден месец, да имаат помалку физичка работа и потоа треба да се вратат во нормала на секојдневните работи“, вели д-р Николиќ. Интервенциите кај сопружниците одделно траеле по околу три часа. Проблемите се резултат на една од најчестите болести, односно артериосклерозата, која се јавува во тој период од животот.

КАКО НАСТАНУВА АРТЕРИОСКЛЕРОЗАТА?

Артериосклерозата значи таложење на масни материи и калциумови соли од внатрешната страна на големите артерии. Со ова таложење се нарушува праволиниското движење на крвните елементи и тие почнуваат да се движат вртложно удирајќи во тие нерамнини, се таложат на истите и полека го стеснуваат пречникот на артеријата, а со тоа се намалува протокот на крвта низ заболениот крвен сад, се намалува исхраната на ткивото и истото трпи во состојба на мирување. Во исто време, поради таложењето на овие материи, ѕидот на артеријата ја губи еластичноста и не може да се шири и да ги задоволи зголемените потреби на ткивото во состојба на напор.

КОИ СЕ ПРЕДИСПОЗИЦИИ ЗА ОВАА БОЛЕСТ?

Покрај генетската предиспозиција, артериосклерозата е и стекната болест во текот на животот кај луѓето кои консумираат храна богата со холестерол, пушачите, луѓето со покачен крвен притисок, како и пациентите кои се изложени на секојдневен психички стрес.