fbpx

ПОДДРШКА НА КВАЛИТЕТОТ НА ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС: „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДОНИРАШЕ КОМПЈУТЕРИ ВО ООУ „ПЕТАР ПОП АРСОВ“

03.11.2022

Клиничка болница „Аџибадем Систина“ донираше компјутери и компјутерска опрема во скопското основно училиште „Петар Поп Арсов“. Со оваа донација болницата ја продолжува практиката да дава поддршка на образовниот процес, секако и на целокупниот општествен развој во земјата. Станува збор за донација од 40 компјутери кои на директорката на училиштето, Даниела Штеријова, ѝ ги предаде Елиф Акан, заменик главен извршен директор на „Аџибадем Систина“.

Квалитетот на наставната програма зависи и од опремата со која располага училиштето, а во денешницата, информатичко-дигиталните операции се важна алатка за развој на училишниот процес. „Аџибадем Систина“, како општествено одговорна компанија во континуитет, ја препознава потребата да придонесува во повеќе сфери од живеењето, а токму училиштата се основата на општествениот развој.

donacija na kompjuteri

„Искрено се надеваме дека со оваа донација ќе помогнеме во унапредувањето на квалитетот на образовниот процес во основното училиште. Клиничка болница ’Аџибадем Систина’ низ годините има направено бројни донации од ваков тип во повеќе основни училишта и ќе продолжиме и во иднина да донираме онаму каде што е најпотребно“, рече Елиф Акан, заменик главен извршен директор на Клиничка болница „Аџибадем Систина“. Компјутерите ќе им бидат достапни на сите ученици, во зависност од организацијата на наставната програма. „Благодарам за оваа донација на Клиничка болница ’Аџибадем Систина’, која покажа голем гест на хуманост и разбирање за сите предизвици со кои се соочуваме, а особено за време на пандемијата кога сфативме дека ни недостасува информатичка технологија. Потребата од информатичка технологија не е поврзана со пандемијата. Напредокот на технологијата ни отвора нови начини на реализација на наставата. Сите апликации и помагала кои се достапни онлајн се разбира дека не ни се достапни без информатичка технологија“ – изјави директорката на основното училиште „Петар Поп Арсов“, Даниела Штерјова.

donacija

Клиничката болница нема да отстапи од овој пат, кој е дел од нашата мисија и секако и во иднина ќе продолжи со вакви проекти.