fbpx

За три години 1.000 пациенти снимени во ПЕТ центарот во „Аџибадем Систина“

27.04.2017

Брза и прецизна дијагностика на малигните тумори, планирање на третманот и следење на ефектите од онколошкиот и зрачниот третман, се главниот бенефит за пациентите на ПЕТ центарот во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Три години од отворањето на центарот направени се 1.000 снимања од кои најчесто се пациенти со лимфоми, малигни меланоми, белодробни карциноми, карциноми на дебело црево, карциноми на дојка и др.

Водечки ПЕТ/КТ центар во регионот

„Со инвестицијата во ПЕТ/КТ апаратот пациентите со малигни болести  добија шанса да се лекуваат според светски признаени протоколи. Во сите светски онколошки центри започнување третман на малигните болести без резултати добиени од ПЕТ/КТ скен е незамисливо. Резултатите од ПЕТ/КТ скенот даваат точна насока каде е локализиран туморот, колку е проширен, како правилно да се насочи третманот и да се следат и проценат ефектите од третманот. Со еден збор, даваат точни насоки за квалитетно и ефикасно следење на третманот на малигните болести.

Задоволни сме од досегашното функционирање на ПЕТ центарот, кој работи според високопрофесионални стандарди. Довербата на пациентите чиј број секојдневно се зголемува е само потврда на нашата досегашна посветеност и квалитет“, вели д-р Лилјана Муратовска, шеф на Одделот за нуклеарна медицина, која е и единствен специјалист по нуклеарна медицина во Р Македонија што работи клиничка пракса на ПЕТ/КТ апарат.

pet ct dr liljana muratovska

Квалитетна и брза услуга без пациентите да патуваат во странство

„ПЕТ центарот претставува бенефит не само за нашите пациенти туку и за пациентите од целиот регион, па со право можам да кажам дека важи за водечки центар во Македонија и поширокиот регион.

Отворањето на ПЕТ центарот претставува олеснување за пациентите со малигни болести кои за оваа услуга мораа да патуваа надвор од земјата. Во „Аџибадем Систина“ веќе 3 години пациентите за многу кратко време може да го закажат снимањето на ПЕТ/КТ апаратот и за 24-48 часа да добијат целосен извештај од снимањето“, вели д-р Муратовска.

Заокружен третманот на малигни болести

Со отворањето на ПЕТ центарот, Центарот за онкологија и радиотерапија и инвестицијата во моќниот акцелератор Trilogy, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го заокружи целокупниот третман на пациентите со малигни болести. Врвниот медицински тим, најсовремената медицинска опрема и светските стандарди на лекување  ја поставија „Аџибадем Систина“ како регионален центар за дијагноза и третман на пациентите со малигни болести.

За ПЕТ центарот

ПЕТ центарот во „Аџибадем Систина“ е првиот центар од ваков вид во Македонија и во поширокиот регион. Опремен е со најсовремен ПЕТ/КТ апарат кој може да ги пружи сите нуклеарно медицинско-дијагностички услуги. Освен во онкологијата, ПЕТ/КТ се применува и во кардиологијата за дијагностика на исхемична срцева болест, во неврологијата за епилепсии и деменции, па дури и кај различни воспалителни болести.