fbpx

КАРДИОХИРУРГИЈАТА БАРА ОГРОМНА ЖРТВА ЗА ПРИВАТНИОТ ЖИВОТ И СЕМЕЈСТВОТО

12.07.2024

Зад 35-годишното искуство на кардиохирургот проф. д-р Александар Николиќ стојат повеќе од 10 000 самостојни интервенции на срце, а досега учествувал во над 30 000 кардиохируршки операции. Иако вели дека не ни сонувал дека денес ќе биде тоа што е, тој својот живот го посветил, пред сѐ, на личниот развој како кардиохирург, а со тоа успеал да поттикне и многу позитивни промени во развојот на кардиохирургијата генерално.

Проф. Николиќ е пионер во изведувањето бројни кардиохируршки интервенции на Балканот, како што се минимално инвазивните интервенции на срцевите валвули и TAVI-методата. Тој е првиот кардиохирург којшто постави вештачко срце на пациент со срцева слабост во Србија, а потоа истата интервенција првпат со својот тим ја изведе и во Македонија. Проф. Николиќ беше дел од првата трансплантација на срце во нашата земја, како искусен кардиохирург, кој и претходно имал учествувано во вакви интервенции во соседна Србија. Потекнува од докторско семејство, мајка му била педијатар, татко му онколог, неговиот брат тргнал по стапките на неговиот татко, а проф. Александар Николиќ како млад сакал да се запише на стоматологија, но не успеал, па продолжил на Медицинскиот факултет во Нови Сад.

Nikolik

„За хирургијата посебен интерес имав веќе во третата година на студии, кога имав можност да асистирам на операции. Така започнав прво со васкуларна хирургија, па се насочив кон кардиохирургијата. Имав среќа што кон крајот на 80-тите години во Нови Сад се наоѓаше најдобриот центар за кардиохирургија во бивша Југославија и имав можност да учам од еден од најдобрите, проф. д-р Милорад Радовановиќ. Така и започна мојата кариера во кардиохирургијата“, вели проф. д-р Николиќ. Проф. Николиќ зад себе има големо професионално искуство и импозантен број интервенции. Вели дека за да се биде успешен кардиохирург, мора да се биде истраен и посветен. Тоа го сфатил уште од самите почетоци кога деноноќно поминувал во операциона сала. Според него, секој успешен хирург мора максимално да биде посветен во работата и да биде вклучен во што повеќе интервенции, да сака да учи и да се унапредува постојано. „Кога бев на специјализација, од утро до вечер бев во операциона сала, дежурав секој втор ден, по дежурство немав слободен ден. Секој втор викенд бев на работа. Имав среќа што работев во период кога на Институтот за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица се работеше интензивно и имаше голем број кардиохируршки операции. По Сремска Каменица значителен период од 11 години работев на Институтот за кардиоваскуларни заболувања „Дедиње“ во Белград, кој исто така важеше за најдобар кардио-центар и таму заедно со тим на исклучителни кардиохирурзи работевме доста сериозни кардиохируршки интервенции, меѓу кои и трансплантација на срце. Во „Дедиње“ ја изведов првата интервенција за вештачко срце. Пациентот е светски рекордер, кој веќе 7 години живее со механичко срце и за жал, сѐ уште не доби можност за трансплантација. Од голема важност се и моите стручни усовршувања, првото во Кливленд, Америка, а потоа и во Монако, каде што се наоѓа најдобрата приватна болница за кардиохирургија во Европа. Таму научив навистина многу работи не само за хирургијата, туку имав можност да видам и организациски како треба да се води една приватна здравствена установа. Моите лидерски вештини успешно ги применив раководејќи со институтот во Сремска Каменица, каде што ме повикаа да бидам директор во 2006 година, а исто така бев повикан од Владата на Црна Гора да го оформам кардиохируршкиот центар и да создадам кадар за да може центарот да работи самостојно“, вели д-р Николиќ.

КАРДИОХИРУРГИЈАТА БАРА ОГРОМНА ЖРТВА ЗА ПРИВАТНИОТ ЖИВОТ И СЕМЕЈСТВОТО
Проф. Николиќ вели дека целосно се посветил на кардиохирургијата, свесен дека тоа ќе значи голема жртва за семејството и приватниот живот. Огромна поддршка во сите овие години е неговата сопруга Татјана, која се грижела за децата и за целото семејство.
„Кога ќе се одлучите за ваква професија, знаете дека ќе мора да трпи приватниот живот, како и вклучувањето во семејните обврски. Па, сепак успеавме со сопругата да израснеме две паметни деца, кои сега се веќе самостојни и успешни луѓе со светска кариера. Ќерката и синот завршија средно образование во едно од десетте најдобри приватни средни училишта во Америка. Синот заврши економија на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ во Америка, работеше 3 години во
Светска банка, а потоа заврши и Правен факултет во Алабама и сега работи како адвокат. Ќерка
ми студираше микробиологија во Вашингтон на државниот факултет во Сиетл, кој е втор
по важност во Америка во оваа област. Сега и таа заврши правен факултет и ќе работи како адвокат за патенти.

nikoli

НАЈДОЛГАТА ОПЕРАЦИЈА ТРАЕЛА 14 ЧАСА

И покрај тоа што зад себе има илјадници операции, за него не постои рутинска операција. „Кардиохирургијата е исто како и авиоиндустријата, мора да постои одреден алгоритам каде што ги проверувате сите работи и се држите до протоколите утврдени од страна на Европската и Американската асоцијација за кардиохирургија. Ако не се придржувате до овие правила, сѐ тргнува наопаку. Импровизации во кардиохирургијата не се дозволени.“ Секоја операција за проф. д-р Николиќ е нов предизвик и бара сериозна подготовка. „Имам голема одговорност за секој пациент. За мене секоја операција е важна и за секоја операција се подготвувам како да е најтешка. Ниедна операција во досегашното искуство не била иста и никогаш не знаете како ќе се одвива. Од наједноставна операција може да настане катастрофа и обратно. Најтешката операција може да помине најлесно. Нема тука правила, најважно е кога ќе влезете во операциона сала, да бидете смирен и да ги оставите сите проблеми надвор. Мојата најдолга операција траеше 14 часа без прекин, но тоа се екстремни случаи. Обично операциите траат по 3-4 часа“, објаснува д-р Николиќ.

НАДВОР ОД ОПЕРАЦИОНАТА САЛА, ПРОФ. НИКОЛИЌ УЖИВА ВО ДОБРА ХРАНА, ПАТУВАЊА И ПРИЈАТЕЛИТЕ

„Патувањата и дружењето со пријателите се работите што ме прават исполнет и среќен. Јас сум еден обичен човек кој надвор од операционата сала сака да се види со пријателите и да ужива во вкусна храна и вино. Прошетките со кучето ме опуштаат, многу сум поврзан со него и буквално го носиме секаде.“

ВО МОМЕНТОВ „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ГО ИМА НАЈДОБРИОТ КАРДИОХИРУРШКИ ЦЕНТАР НА ПРОСТОРИТЕ НА ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА

Проф. д-р Николиќ веќе 6 години е водечки кардиохирург и шеф на кардиохируршкиот центар во „Аџибадем Систина“. Вели дека со текот на годините овој центар целосно се екипираше кадровски и просторно и дека ја поседува најдобрата апаратура за изведување на операции на срце. Нескромно вели дека во моментов кардиохируршкиот центар е еден од најдобрите во регионот.

Nikoli

„Имав можност да бидам дел од голем број кардиохируршки центри и мојот впечаток е дека во моментов успеавме да го создадеме најдобриот кардиохируршки центар на екс ју-просторите. Во кардиохируршкиот центар имаме одлични кардиоанестезиолози, одличен тим хирурзи, добро опремен оддел и кардиохируршка интензивна нега. Организирани сме перфектно и во секој момент секој од тимот знае што е негова обврска. Тоа беше и мојата визија кога дојдов овде, да создадам центар каде што годишно ќе се изведуваат од 1000 до 1200 кардиохируршки интервенции, центар во кој ќе се оди на квалитет, а не на квантитет и центар со ниска стапка на смртност, како во најразвиените центри во Европа и Америка. Секој живот е скапоцен и вреди да се борите за него. Мислам дека тоа го препознаа и пациентите и нивната доверба секојдневно ни го потврдува тоа.

ЧАША ВИНО ЗА ЗДРАВО СРЦЕ

„Виното е пријател на срцето и моја препорака е да пиете секојдневно по една чаша квалитетно вино. Франција е земја што статистички има најмал број срцеви инфаркти токму поради тоа што луѓето пијат квалитетно француско вино“, вели д-р Николиќ. Трите главни работи што ги оштетуваат срцето и кардиоваскуларниот систем се притисокот, пушењето и дијабетесот. За да ги превенирате болестите на срцето, потребно е еднаш во годината превентивно да направите преглед кај кардиолог. Физичката активност е исто така многу важна за здрав кардиоваскуларен систем.

nikolik