fbpx

МЗРД: „Аџибадем Систина“ е пример  за тоа како треба да  се дијагностицира и третира ракот на дојка

10.04.2019

Македонското здружение за радиологија на дојка заедно со Клиничката болница „Аџибадем Систина“  одржаа стручен  состанок на тема „Рак на дојкадо каде сме. Се дебатираше за методологија при дијагностика на рак на дојка, но и начинот како да се третира. На состанокот присуствуваа повеќе од 50 радиолози и специјализанти по радиологија, торакални хирурзи и патолози.

Беа одржани важни едукативни предавања на кои говореа врвни специјалисти од областа. Во вториот дел се дискутираше за клучните предизвици во радиологијата на дојката од повеќе аспекти.

Едни од суштинските заклучоци кои беа усвоени се однесуваат на потребата од промена на структурата, организацијата и унифицирање на радиолошкиот извештај од преглед на дојка, потоа потребата од одредување центри за дојка со радиолог за дојка, патолог и торакален хирург за подобра здравствена нега на жените, но и потребата за проверка на установите и лекарите кои не се радиолози, а вршат прегледи на дојка.

„За овозможување подобра здравствена нега на жените, да се предложи до Министерството за здравство одредување центри за дојка со радиолог за дојка, патолог, торакален хирург и онколог. Со тоа ќе се овозможи соодветна дијагноза и третман во разумен временски рок. Да се овозможи на радиологот од страна на установата да работи во соодветни услови со кабинети за мамографија, ултразвук и биопсија на дојка, стои во заклучоците по состанокот.

Исто така, на состанокот е заклучено дека треба Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство да овозможат радиологот да креира упати со што ќе се направат потребните дијагностички прегледи и биопсија во истиот ден и ќе се скрати времето на чекање упати и прегледи за жени со позитивен наод, а и ќе се намали оптовареноста на матичниот лекар, но и ќе се намалат трошоците за пациентот.

Радиолозите заклучиле дека радиологија на дојка мора да се работи со користење БИ-РАДС класификацијата во извештаите и дека треба да се користи дијагностичкиот методот магнетна резонанца на дојка согласно со протоколите и препораките од радиолог.

„Поради несоодветни извештаи и вршење преглед на дојка во различни установи од различни профили на лекари кои не се радиолози, да се одреди комисија за проверка на установи и лекари кои вршат прегледи на дојка, односно кој профил на специјалисти и дали ја имаат потребната едукација, и дали се акредитирани за таа дејност, како и  соодветни инспекциски служби да извршат проверка на истите, заклучија радиолозите.

Побараа да се води евиденција за бројот на новооткриени карциноми на дојка на годишно ниво, возраст на лица заболени од рак на дојка и други статистички податоци од страна на Институтот за јавно здравје и Институтот за епидемиологија и Министерството за здравство, кои за потребите на МЗРД ќе овозможат достапност до тие информации кои се од јавен карактер.