fbpx

МАЛИОТ ОЛЕГ ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СЕ ЧУВСТВУВА КАКО ДОМА

23.04.2021

КОГА СЕ РАБОТИ ПОСВЕТЕНО И СО ЉУБОВ, РЕЗУЛТАТИТЕ СЕ НЕИЗБЕЖНИ

Цели две години на релација Штип – Скопје, малиот Олег заедно со неговите родители секојдневно го посетува Центарот за рано откривање и третман на деца со сите форми на развојно доцнење во Педијатриската болница на „Аџибадем Систина“ и по двегодишниот третман бележи огромен напредок во развојот. Кога за првпат се појавил во ординацијата на дефектологот Соња Јорданова-Цацаноска, двегодишниот Олег не зборувал, не одел и дури немал фокус со очите, што не било типично за неговата возраст. Две години подоцна, како што вели м-р Јорданова Цацаноска, Олег оди, скока, трча влегува сам во нејзината амбуланта враќајќи ја мајка му назад со зборовите „Чао мама, Олег ќе работи со тетка Соња, а мама ќе пие кафе“. Дефектологот Јорданова-Цацаноска вели дека напредокот што го постигнал Олег е огромен, дека сега веќе пее песнички, раскажува приказни, кажува што сака и што го интересира. „Благодарение на разбирањето од страна на менаџментот во нашата болница и желбата да им помогнеме на децата, со цел да го унапредиме детскиот развој, нашата болница ги набави паметната ракавица за дигитална рехабилитација, когнитивниот софтвер и дигиталната интерактивна табла, кои се одлично надополнување во третманот на Олег и на многу интересен и креативен начин ги подобрија вниманието, меморијата, говорот, способноста за решавање проблеми, фината моторика. Олег сè уште вежба со овие апарати, и промените се забележаа за кратко време. Особено задоволство е кога сте дел од тимот на една вака реномирана болница, која има разбирање за специфичноста и потребите на мојата работа. Пред Олег и мене постојат уште многу предизвици, но со ваква поддршка добрите резултати се неизбежни“, посочува м-р Јорданова Цацаноска, која додава дека когнитивниот систем со софтвер и екран на допир, како и паметната ракавица за дигитална рехабилитација се уреди кои ги има само во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

olega

ТРЕТМАНОТ КАЈ ОЛЕГ РЕЗУЛТИРАЛ СО ОГРОМЕН НАПРЕДОК ЗА САМО ДВЕ ГОДИНИ

Четиригодишниот Олег веќе 2 години е секојдневен пациент во „Аџибадем Систина“ и во болницата, како што вели неговата мајка, веќе се чувствува како дома. Иако почетоците, како што вели м-р Јорданова-Цацаноска, не биле лесни, за кратко време Олег со радост и насмевка доаѓал на третманите и сега веќе бележи исклучителен напредок. „Олег не одеше, рецептивниот и експресивниот речник не одговараа за неговата возраст, не располагаше со ниту шест збора, не следеше едноставни вербални команди без дополнителни гестикулации, како на пример – седни, не имитираше и не покажуваше со прст кон нешто интересно. Прифаќањето на реалната состојба на детето од страна на неговите родители беше еден од факторите кои помогнаа да ги утврдиме реалните потреби на детето. Адаптацијата, зближувањето на детето со терапевтот во најголем број од случаите е стресно за детето. Така почна и приказната на Олег. Бидејќи Олег не зборуваше, својот отпор го изразуваше преку плачењето. Иако, тој момент за мене беше очекуван, по секоја завршена сеанса неговите родители ме охрабруваа да продолжам да работам со него иако плаче. Кога ги имате поддршката и разбирањето од страна на родителите пола од работата сте ја завршиле. Упорноста на неговите родители резултираше со континуирана работа и поместување на Олег од иницијалното ниво“, вели м-р Јорданова-Цацаноска.

oleg

АПАРАТИТЕ КОИ ГИ ИМА САМО ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СЕ ОДЛИЧНИ ЗА ВОЗРАСТА И РАЗВОЈОТ НА ОЛЕГ

Мајката на малиот Олег, Софија, вели дека прифаќањето на реалноста за болеста на нивното дете било најтешкиот момент. Олег имал видливи знаци на задоцнет развој, често делувал отсутно и вознемирено. „Немаше никаква соработка од негова страна, никаква игра, ретко се смееше и како буквално да гледаше низ нас. За кратко време кај Олег беше поставена дијагнозата фенилкетонурија, поради што мораше да биде на специјална исхрана и не смееше да користи одредени стимуланси кои би го помогнале дефектолошко-логопедскиот третман. За наша среќа, м-р Соња пристапи многу внимателно, одговорно и професионално. Уште првата недела Олег, паралелно со специјалната исхрана, почна да покажува промени. Со текот на времето Олег сè повеќе напредуваше. Комуницираше многу јасно, со богат фонд на зборови, разбираше игра, размислуваше и имаше интерес и емоција, физички растеше нормално, беше силен и енергичен. Како мајка, ми требаше подолг период за да сфатам колку всушност пропуштил во првите две години од животот, и паралелно на тоа колку и успеал да надомести. Сега, со срце полно гордост и среќа можам да кажам дека Олег со голема брзина се `приближува` на неговите врсници“, раскажува мајката на Олег. Таа вели дека тоа што живеат во Штип и што мора секојдневно да патуваат по стотина километри воопшто не го гледаат како пречка веќе две години секојдневно да бидат „гости“ во „Аџибадем Систина“. „Олег секојдневно работи со м-р Соња, за нив двајца не постојат ниту празници, ниту делници, ниту распуст. Нејзините третмани се состојат од логопедско-дефектолошки вежби (моторички, когнитивни, психомоторни вежби, односно стимулирање на сите развојни аспекти кај Олег), но исто така таа работи и на неговиот физички развој. Последните два месеца ја користат и новата опрема набавена во ‘Аџибадем Систина’ којашто покажа одлични резултати и е совршена за неговиот развој и возраста.

Се воодушевувам на упорноста на докторката, нејзината подготвеност и стручност и благодарна сум што ја имавме таа среќа да соработуваме токму со неа. Олег во ‘Аџибадем Систина’ се чувствува како дома. Понекогаш се шегуваме дека ќе побараме и докторски униформи“, вели Софија. М-р Јорданова-Цацаноска потенцира дека најважно за ваквите пациенти е да се најде начин да се стимулираат за работа и да се мотивираат со цел да прават што повеќе повторувања. Апаратите со кои располага „Аџибадем Систина“ се употребуваат откако ќе се постигне мотивација кај дечињата и тогаш целата енергија се насочува кон одредена слабост: концентрација, внимание, визуелна и аудитивна перцепција, меморија. Интерактивната табла, когнитивниот систем и паметната ракавица се применуваат при третман на лица со аутистичен спектар на нарушување, АДХД (синдром на недостиг на внимание и хиперактивност), деца со развојни проблематики, третирање на лица со невролошки-мускулоскелетни нарушувања: деменција, Алцхајмерова болест, мозочен удар, мултипла склероза, церебрална парализа, фрактури, повреда на лигаменти-тетиви и мускулна атрофија.

ШТО ПРЕТСТАВУВА КОГНИТИВНИОТ СОФТВЕР И КАКО ИМ ПОМАГА НА ПАЦИЕНТИТЕ?

oleg

Когнитивниот систем се состои од софтвер и екран на допир преку кој се прави интеракцијата со пациентот кој директно и активно е вклучен во играта и во решавање на поставените задачи кои се придружени со аудио и визуелна стимулација, при што се влијае врз концентрација, внимание, визуелна и аудитивна перцепција, меморија итн. Пациентот се стимулира со игра а како повратна информација добиваме резултати кои се мерливи и кои ни го покажуваат напредокот на пациентот како вредност за успешно завршената задача, просечна точност и просечно време на одговор.

ПАМЕТНАТА РАКАВИЦА ЗА ДИГИТАЛНА РЕХАБИЛИТАЦИЈА

Паметната детска ракавица нуди еден поинаков, модерен и интерактивен пристап, при што пациентите преку забавни игри се фокусираат на извршување на зададената задача и на тој начин ги подобруваат когнитивните u моторните функции. Претставува биофидбек алатка дизајнирана да го подобри опсегот на движење, координацијата, реакцијата на пациентот за време на тренинг/игра, користејќи ја раката како контролер. Со помош на паметната ракавица се прават функционални вежби придружени со аудио и визуелен фидбек и на тој начин имаме мултисензорна стимулација, односно когнитивен и функционален тренинг. Уредот ни дава и повратна информација како вредност за успешно завршена задача, број и агли на движења, време, стапка на успех и просечно време на реакција.

КАКО ФУНКЦИОНИРА ДИГИТАЛНАТА ИНТЕРАКТИВНА ТАБЛА

Дигиталната табла е уред со кој се креира нов интерактивен, забавен и мотивирачки пристап до пациентите со помош на фигури во разни форми/бои и повеќе од 30 различни игри придружени со аудиовизуелна стимулација преку кои се подобрува манипулацијата со раце, координација очи-раце, визуелна перцепција, препознавање на форми, меморија, концентрација, способност за решавање проблеми, просторна ориентација, време на реакција и снаодливост. Како резултат на играта се добива мерлива информација која ни ја покажува моменталната состојба на пациентот и преку која може да се анализира напредокот. Уредот има можност за промена на 3 табли со соодветни фигури во различни бои (круг, квадрат, триаголник, цилиндирчно стапче) со ЛЕД-светла кои овозможуваат визуелна и аудитивна стимулација.