Животот е полн со непредвидливи ситуации и предизвици, но најважно е да знаеме како да ги надминеме и да се избориме со нив. Пред три години, Снежана Василева започнала да се соочува со болка во десниот колк, која со текот на времето станувала сѐ посилна. Оневозможувајќи ја да ги извршува секојдневните активности, болката ѝ носела постојан немир и чувство на беспомошност. Овој период бил почеток на нејзината борба, но и на патот што ќе ја води кон животна пресвртница, која ќе ѝ ги врати радоста и слободата.
„Првите посериозни болки ми започнаа пред 3 години: чувствував константна болка, која не ми даваше мир. Како што одминуваше времето, движењата ми стануваа сѐ поограничени, а во март оваа година дојде и до целосна блокада на зглобот“, раскажува таа. Токму тогаш Снежана одлучила дека е време да преземе чекор што ќе ја доведе до решавање на овој нејзин проблем. По многуте истражувања и консултации, таа на крајот закажала преглед кај својот спасител, проф. д-р Виктор Камнар, еден од најистакнатите ортопеди во земјата, кој ѝ понудил решение и ѝ дал надеж за живот без болка. По деталните прегледи и радиолошките анализи, било утврдено дека причината за болката кај Снежана е диспластична коксартроза на десниот колк – состојба предизвикана од развојно нарушување на зглобот во детството.
„Г-ѓа Василева се соочуваше со силна болка и ограничена подвижност. Се добија податоци за дијагностицирано развојно нарушување (дисплазија) на десниот колк во детството, за што тогаш било спроведено неоперативно лекување. При клинички преглед постоеше ограничена и болна флексија (свивање) и болка при изведување на внатрешна ротација во десниот колк. Радиолошкиот наод беше соодветен на клиничката слика, т.е. означуваше диспластична деснострана коксартроза настаната поради состојбата од детството“ – вели проф. д-р Камнар.
ПАТОТ ДО ВИСТИНСКОТО РЕШЕНИЕ
Токму состојбата од детството била причина за раната појава на стареење на десниот колк, како резултат на несоодветна зглобна површина, причинета од развојното нарушување.
„Коксартроза, остеоартритис или стареење на зглобот на колкот претставува состојба каде што доаѓа до истрошување на ‘рскавицата на зглобот на колкот и последователни промени на мекоткивните и коскените структури (ацетабулумот т.е. зглобната чашка и главата на бутната коска), што води до појава на болка, ограничување на опсегот на движења и нарушување на подвижноста што севкупно го намалува квалитетот на живот на еден човек“ – објаснува проф. д-р Камнар.
Бидејќи сите конзервативни методи, како аналгетска и физикална терапија, веќе биле исцрпени, неопходно било да се направи оперативен зафат. Решението на овој проблем било реконструктивна операција – тотална артропластика на десниот колк што подразбира вградување на ендопротетски материјал во карлицата и бутната коска. Снежана без да се двоуми своето здравје го доверила на д-р Камнар и неговиот тим.
„Веднаш знаев дека токму тој е вистинскиот доктор. Многу стручен, но и човечен, ми влеа надеж дека ќе можам повторно да живеам без болка“, вели таа.
„Пред да започне процедурата, ги направивме сите потребни предоперативни подготовки – лабораториски анализи и процена од специјалист анестезиолог, кои потврдија дека пациентката е во добра општа здравствена состојба. Интервенцијата беше изведена под спинална анестезија и помина успешно. Веќе следниот ден, Снежана започна со првите чекори, со помош на помагало, а целиот болнички престој траеше само пет дена“, објаснува проф. д-р Виктор Камнар.
ВРАЌАЊЕ НА СЕКОЈДНЕВНИТЕ АКТИВНОСТИ
Во следните денови, медицинскиот тим на болницата внимателно се грижел за постоперативниот третман на пациентката. Покрај медикаментозната терапија, од големо значење била и физикалната терапија, што е неопходен дел од процесот на рехабилитација. Веќе следниот ден по операцијата, Снежана започнала да станува и да чекори со помош на помагало. Овие пет дена биле почетокот на нејзиниот пат кон живот без болка, а поддршката и професионализмот на тимот ја направиле оваа транзиција непречена и успешна. Секој изминат ден бил ново поглавје на надеж за подобро утре. По операцијата, Снежана продолжила со физикална терапија за зајакнување на мускулатурата и подобрување на подвижноста.
„Само две недели по операцијата, се движев со една патерица и без болка. А веќе по месец и пол, одев самостојно, без никакви ограничувања“ – вели таа со насмевка.
НЕИЗМЕРНА БЛАГОДАРНОСТ И СРЕЌА
Инспиративно е што по оперативниот третман и релативно краткиот период на закрепнување, Снежана успеала да се врати на своите секојдневни активности. Благодарноста што ја изразува за проф. д-р Виктор Камнар и целиот тим ја покажува големината на нивната работа и колку тоа значи за пациентите. Таа ги чувствувала заложбите на сите што биле околу неа во тој период – сестрите и нивната беспрекорна грижа, физиотерапевтите што секојдневно ја мотивирале да направи уште еден чекор и се разбира, д-р Камнар, кој редовно ја посетувал, внесувајќи оптимизам во секоја средба. Денес Снежана ужива во животот како пред три години.
„Докторот ми ја врати радоста на животот. Засекогаш ќе му бидам благодарна нему, на д-р Дамјан Павлов и на целиот тим од Одделот за ортопедија и трауматологија, кои посветено се грижеа за мене. Никогаш нема да го заборавам тоа искуство“, заклучува таа. Приказната на Снежана е доказ дека со точна дијагноза, стручна интервенција и силна волја, животот може да се врати во нормала.
Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.