По речиси месец и половина талкање и третман во други медицински установи без поставена точна дијагноза и во потрага по решение за здравствениот проблем на малечката Барбара, нејзиното семејство конечно го најде одговорот во клиничката болница „Аџибадем Систина“. Доц. д-р Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, успешно ја направи операцијата за отстранување на вродена циста на жолчни канали и по неколкудневен престој во болницата, Барбара беше пуштена да си оди дома. Родителите на Барбара се среќни што решението за нејзиниот здравствен проблем го нашле токму тука.
Првите симптоми на влошување на состојбата на Барбара што ги забележале родителите биле дијареја и пожолтување, кое најпрво започнало од белките на очите, а потоа тоа се манифестирало на цело тело. Барбара била третирана на неколку различни оддели во други медицински установи пред да биде хоспитализирана во „Аџибадем Систина“, но за време на тоа лекување кај неа не била поставена точна дијагноза и не било најдено решение за нејзиниот проблем.
„Барбара имаше дијареја, која првично ја поврзавме со растење на запчињата. Но, почна да пожолтува, најпрво почна со пожолтување на белките на очите, а за два дена ѝ пожолти кожата на целото тело. Поминавме низ една вистинска голгота. Деновите поминуваа и ние како родители не знаевме која е точната дијагноза за проблемот на Барбара. Речиси месец и половина таа лежеше во болница од кои 20 дена и на интензивна нега. Единствено нешто што беше направено тогаш е поставувањето на дрен во жолчката поради нарушени параметри на билирубините“, вели мајката на Барбара.
Родителите на Барбара размислувале да бараат мислење и решение надвор од земјата, но како што велат, имале среќа и го нашле доц. д-р Ристо Симеонов, кој без двоумење го прифатил случајот на Барбара. По контактот на родителите со д-р Симеонов, Барбара веднаш била префрлена во „Аџибадем Систина“ и истиот ден кај неа биле направени преглед и лабораториски анализи, а веќе следниот ден докторот ја оперирал.
„Пациентката ја примивме од друга медицинска установа со претходно направена магнетна резонантна холангиопанкреатографија и поставен билијарен дрен. На направениот преглед кај неа увидовме дека се работи за присуство на циста на жолчните канали и веднаш беше поставена индикација за операција. Беше направен пристап со трансверзална лапаротомија, се отстрани цистата и поради присуство на мултипни локални адхезии беше направена и локална адхезиолиза, холецистектомија со хепатикодуоденостомија. Операцијата беше успешно завршена, а закрепнувањето се одвиваше одлично и брзо кај неа, така што во иднина нема да има никаква потреба од дополнителна терапија. Барбара ќе се развива нормално без никакви проблеми“, вели д-р Симеонов.
Вродените цисти на жолчните канали се ретки аномалии, кои ги вклучуваат екстрахепатичните или интрахепатичните жолчни канали. Првите симптоми најчесто се појавуваат во раното детство. Во денешно време овие цисти на билијарниот систем може да се дијагностицираат пренатално и постнатално со ултразвук.
„Најчесто кај оваа група цисти првите симптоми се манифестираат во раниот детски период (1-3 месеци од животот) во форма на жолтица, ахолична столица и хепатомегалија. Сепак, клиничката слика може да варира од асимптоматска до онаа придружена со покачена температура и дистендиран абдомен, кога е тешко да се направи разлика помеѓу дилатација и атрезија на жолчните канали. Колку што порано се појават симптомите, толку се поизразени“, објаснува д-р Симеонов.
Семејството на Барбара ја изрази својата благодарност за посветеноста и целосната грижа на д-р Симеонов и на персоналот на болницата по успешната операција.
„Многу сме среќни што решението за проблемот на Барбара го најдовме тука по нашата помината голгота. Благодарни сме му на д-р Симеонов за неговата професионалност и стручност, кој успеа за еден ден да го реши проблемот што го имавме. Му благодариме и на преостанатиот персонал за неговата грижа и посветеност“, велат родителите на Барбара.
Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.