Аџибадем Систина

ПЛОДНОСТА – ЗАЕДНИЧКА МИСИЈА НА ДВАЈЦАТА ПАРТНЕРИ: Д-Р БОЈАЏИЕВ И Д-Р МИЦКОВСКИ НА „ПРОФЕМИНА 2025“

27.10.2025

о рамки на деветтото издание на регионалната конференција „Профемина 2025“, се одржа инспиративен панел посветен на темата плодност и патот до родителството. За оваа исклучително чувствителна, но и важна тема зборуваа докторите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ – м-р доктор Александар Бојаџиев, специјалист по гинекологија и акушерство и доктор Александар Мицковски, специјалист уролог и супспецијалист за машка неплодност.
Патот до родителството не секогаш започнува со радост. Понекогаш почнува со тишина, неизвесност и страв, со безброј прашања што остануваат без одговор. Надоврзувајќи се на ова, доктор Александар Мицковски објасни дека во Македонија, кај околу 20% од браковите, паровите се соочуваат со проблем на неплодност. Како најчести причини тој ги посочи начинот на живот на партнерите, кариерните амбиции и одложувањето на остварувањето како родители.
М-р доктор Александар Бојаџиев истакна дека неплодноста не е болест туку состојба, во која постојат неколку фази – надеж, евентуално разочарување, по кое следува борба и повторно надеж. Тој додаде дека просечната возраст на раѓање на првото дете во Македонија пораснала од 25 на 31 година, при што најголемите стапки на бременост се забележуваат од 25 до 30-годишна возраст.
Исто така, нагласи дека ин витро постапките се најуспешни до 30-тата година, додека по 40-тата година успехот опаѓа на околу 15%.
Доктор Мицковски посочи дека врз квалитетот на спермата можат да влијаат хормонални промени, температурни разлики, сексуално преносливи инфекции и други фактори. 
 
Од своја страна, доктор Бојаџиев појасни зошто женската и машката плодност се разликуваат. Жените се раѓаат со цел број јајце-клетки што ќе ги имаат во животот, а нивниот број постепено опаѓа со текот на годините. Кај мажите, пак, нови сперматозоиди се произведуваат на секои три месеци.
Кај жените, неплодноста најчесто е поврзана со изостанување на овулацијата, која најчесто се јавува како последица на полицистични јајчници.
Најголем стрес, истакна доктор Бојаџиев, кај паровите предизвикуваат неуспешните обиди, кои неминовно носат разочарување.
Во однос на превенцијата, двајцата доктори потенцираа дека најзначаен фактор што влијае врз плодноста е начинот на живот. Препорачаа партнерите да се хранат здраво, да практикуваат физичка активност, а во поретки случаи – доколку е потребно – да примаат хормонска терапија за воспоставување на баланс во организмот.
На крајот, докторите упатија моќна и охрабрувачка порака: „Животот е борба, но никогаш не треба да се откажувате од својата цел. Пред сè, не откажувајте се од вашата желба и сон – да станете родители“.

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.