Аџибадем Систина

КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“’ СО БЕСПЛАТНИ СКРИНИНЗИ ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА ОПШТИНА КАРПОШ

27.10.2025

По одржаниот состанок помеѓу кандидатот за градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски и медицинскиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, беше позитивно прифатен предлогот на г-дин Лукровски, секоја година од неговиот мандат да се обезбедат по 120 бесплатни прегледи за остеопороза на повозрасната женска популација од општината. Дополнително, како општествено одговорна компанија, болницата „Аџибадем Систина“ во следните 4 години ќе се вклучи и во обезбедување на 480 бесплатни основни скрининзи за тироидна жлезда кај деца од училишна возраст, како и 480 бесплатни прегледи кај машки деца до 3 годишна возраст кај кои постои сомнение за неспуштени тестиси.

„Како најголема приватна болница на територијата на општина Карпош, но пред сѐ и како општествено одговорна компанија, активно придонесуваме за подобрување на јавното здравје и поддржуваме ваков тип хумани проекти. Преку спроведување на овие три типа скрининзи, ќе опфатиме три ризични категории кај кои можеме многу да помогнеме, доколку откриеме одредено заболување во рана фаза“, изјави д-р Ристо Симеонов, детски хирург во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Бесплатните прегледи ќе ги спроведува искусен тим на специјалисти по нуклеарна медицина, ендокринолози, ортопеди и трауматолози, како и детски хирурзи од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, користејќи ја најсовремената технологија.
„Како иден градоначалник на Општина Карпош, заедно со мојот тим и во соработка со Клиничката болница „Аџибадем Систина“, ја започнуваме иницијативата со која ќе обезбедиме бесплатни прегледи. Грижата за здравјето на луѓето е еден од столбовите на мојата програма. Благодарност до менаџерскиот тим на болницата, за поддршката и општествената одговорност“, истакна кандидатот за градоначалник, Сотир Лукровски.
 
Оваа иницијатива е важен чекор кон подобра грижа и квалитет на живот за жителите на Општина Карпош, бидејќи грижата за здравјето не е само лична, туку и општествена одговорност.

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.