УСПЕШНО ОТСТРАНЕТ ГОЛЕМ ТУМОР НА МОЧЕН МЕУР КАЈ 85-ГОДИШЕН ПАЦИЕНТ

25.02.2025

 Г. Димитар Марков е пациент на 85-годишна возраст кај кого беше направена успешна хируршка интервенција за отстранување на голем тумор на мочен меур. Откако се појавиле првите симптоми и почнал да бара решение за проблемот, пациентот добил препорака да направи консултација кај д-р Александар Мицковски, специјалист по урологија.

„Веќе имав направено една хируршка интервенција на простата пред неколку години во друга медицинска установа и кога повторно забележав појава на симптоми слични на тие од претходно – присуство на крв во урина, побарав совет и добив препорака да направам преглед кај д-р Александар Мицковски, специјалист за урологија во Kлиничката болница ‘Аџибадем Систина’ за да добијам точна дијагноза и решение за мојот проблем“, вели г. Марков.

На контролата по направените дијагностички испитувања, д-р Мицковски утврдил присуство на голем тумор на мочниот меур што треба да се отстрани.

„Кај пациентот успешно направивме хируршка операција и отстранивме голема туморска формација на мочниот меур и материјалот беше испратен за хистопатолошка анализа. Добра вест беше што резултатите покажаа дека се работи за бенигна промена. Пациентот беше пуштен на домашно лекување во добра општа состојба, со соодветна терапија и препораки за нега во периодот на закрепнување“, изјави д-р Мицковски.

По операцијата, г. Марков вели дека се чувствува одлично, без никакви тешкотии се вратил на секојдневните активности и е неизмерно благодарен за стручноста и посветеноста на д-р Мицковски, кој за кратко време го решил неговиот проблем. 

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.