fbpx

Две специфични кардиолошки интервентни процедури изведени за првпат во Клиничката болница „Аџибадем Систина“

14.08.2019

Две специфични интервенции кои за првпат беа изведени во Клиничката болница „Аџибадем Систина“  беа дел од работилницата одржана на 14 јули годинава. Станува збор за работилница за корекција на срцеви мани и корекција на структурни болести на срцето. Кардиологот д-р Жарко Христовски вели дека работилниците стануваат традиција во „Аџибадем Систина“, но оваа година се изведени, како што вели, две малку поспецифични интервенции.

kardiologija intervencii

„Станува збор за малку поретки проблеми на срцето коишто бараат извежбан тим, доста се специфични во поглед на употребуваниот материјал и комплексноста на тимот што го покрива тој тип интервенција. Беше потребна стенд бај кардиохируршка сала, а дополнително во интервенцијата се вклучи и кардиохируршкиот тим. Анестезиолошкиот тим ни помагаше да го имаме пациентот мирен. Во интервенцијата имавме соработка и со еминентен стручњак – интервентен кардиолог од Чешка, како помагач и инструктор на нашиот тим кој е и добар пријател на болницата „Аџибадем Систина“ и нашиот тим на кардиолози“, вели д-р Христовски.

Инаку, дијагнозите на пациентите се специфични, а д-р Христовски објаснува за што точно станува збор. Во првата, кај пациент кој имал две операции на срце (една корекција, а потоа замена со механички залисток на митралната валвула), се појавил таканаречен паравалуарен лик или покрај вештачката валвула во неколку џета се појавувал повратен проток на крв во левата преткомора.

kardiologija intervencii

„Тоа е доста интересна ситуација каде што се наметнува и потреба за трета операција или високоризична хирургија во релативно краток временски период. Опцијата да се направи корекција со интервентна процедура и со посебни направи да се затворат дефектите меѓу ѕидот на срцето и тој вештачки залисток беше изводлива. Интервенцијата беше успешно изведена со поставување на два оклудера, коишто комплетно ја санираа состојбата“, вели д-р Христовски.

Во ваков случај за разлика од класичната хирургија, пациентката немала потреба од долготрајна хоспитализација, имала краткотрајна комплетна анестезија и еден ден по интервентанта процедура  ја напуштила болницата.

„Сметам дека иднината во кардиоваскуларната патологија сè повеќе се движи кон интервентни процедури, т.н. хибридни интервенции каде што тимот на хирурзи и тимот на кардиолози со напредната технологија што се нуди е вистинскиот избор за добар дел од пациентите. Односно сè помалку ќе има класична хирургија, а сè повеќе ќе има еден ваков вид хибридни процедури или малку покомплексни интервентни процедури“, дециден е д-р Христовски.

Додава и дека бил импресиониран од другата интервенција, а со која се решил еден редок вроден срцев дефект, наречен Синдром на Гербоде. Се работеше за 26-годишен пациент кој бил сосема добар, а во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ бил пратен по долготрајно следење. Имено, се работи за редок тип на дефект на срцето, каде постои комуникација меѓу левата комора и десната преткомора.

Дополнителните испитувања покажале дека станува збор за овој синдром, кој може да се реши и со одбегнување на класичната операција. И оваа интервенција е завршена на 14 јули, а зафатот траел само 40 минути

„Процедурата која траеше околу 40 минути беше изведена на еден доста импресивен начин и за професионалец по интервентна кардиологија. Процедурата ја завршивме со само еден дивајс – оклудер, којшто комплетно го затвори дефектот. Поинтересно е што уште следниот ден притисоците во десната комора, коишто беа покачени поради дефектот, беа драстично намалени. Сега го очекуваме пациентот на месечна контрола иако тој одлично се чувствува. Допрва ќе формира семејство и мислам дека му овозможивме една доста светла иднина, од здравствен аспект, истовремено избегнувајќи класичен хируршки пристап“, вели д-р Христовски.

Овој вид процедури за пациентите од нашата земја се на товар на Фондот за здравствено осигурување – ФЗО.

Инаку, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ има тим, опрема и стручност за изведување вакви интервенции, кои се сметаат за иднина во кардиологијата.