fbpx

ДОКАЖАН ГИНЕКОЛОГ И ПАСИОНИРАН ПЛИВАЧ – Д-Р САРЏОВСКИ ИМАЛ СЕРИОЗНА ПЛИВАЧКА КАРИЕРА

19.08.2020

ЖИВОТ ВО ВОДА ЉУБОВ БЕЗ ГРАНИЦИ

Тој е познат гинеколог, ама малкумина знаат дека е еден од најпасионираните пливачи во земјава. Д-р Бобан Сарџовски има сериозна пливачка кариера, во дел од животот се занимавал професионално и со ватерполо. Двата спорта се негово хоби и во моментов. Сега е посветен на докторската кариера, сепак, Сарџовски додека бил дете и тинејџер исклучително значајно пливал во спортската. Љубовта не запрела до сега, а докторот и моментално секој слободен момент го користи да плива. Еднаш кога ќе ти влезе вода во патиките, таа не излегува, вели на шега д-р Сарџовски, кој со посебна возбуда зборува за своето хоби. Базенот и водата и сега му се посебна емоција.

ПЛИВАЧКА КАРИЕРА УШТЕ ВО ДЕТСТВОТО

Она што за многумина е само спортска активност во детството, кај д-р Сарџовски уште тогаш било пасија и кариера. Почнал да плива рано, уште во претшколска возраст, односно некаде на седум години и, како што вели, имал среќа што во тоа време учел од најдобриот. „Прв учител ми беше чичко Миле Сирма, кој беше одличен педагог. Не можете со него, а да не го засакате овој спорт. Секој збор на место, секој потег беше поттик за кого било од нас. Без тензија, а со чувство дека припаѓате во тимот и вие придонесувате најмногу. Секој поединец може и секој знае. Едвај чекав да одам на тренинг. Ден по ден, тренинг по тренинг, стигнавме и до натпревари. Ги чекавме и работевме напорно. Меѓуградски, национални, меѓународни. Давав сè од себе во кое било од нив. А кога ќе станете дел и ќе стоите рамо до рамо и со елитни натпреварувачи, тогаш возбудата е уште поголема, гладот за успех и напредок сè позначаен“, ја почнува својата приказна д-р Сарџовски.

drsardzovski
 

Самиот имал талент, но бил и доста упорен. Напредувал и освојувал турнири. Вели дека тогаш доста позитивен импулс биле малите олимписки игри, кои порано доста придонесувале за развој на спортот, за унапредување на личниот и на колективниот спортски дух. Сарџовски е спортско дете на тоа време, на тие настани, исто како што од такви игри своја доминација покажа и нашиот познат фудбалер Дарко Панчев и кошаркарот Петар Наумовски. Мотивација подоцна станувале и освоените први места. Д-р Сарџовски тренирал напорно па често на речиси сите првенства бил на пиедесталот. Негова дисциплина била 100 метри граден стил и 200 метри граден и мешан стил. Во 1995 година станал тренер на клубот „Младост“. Младите ги учел на сите техники во овој тежок спорт – дишењето, тактиките, издржливоста. Првите чекори се важни, тоа и се обидувал да ги научи. Да бидат посветени, да бидат тактичари и да ги знаат техниките. По четири години како тренер, д-р Сарџовски се вработил како професор во средното медицинско училиште, но својата тренерска активност не ја прекинал.

„Тежнеев да го усовршам и да бидам добар. Секој тренинг имаше свој придонес во квалитетот. Имате тактика, техника, дистанца и временски период што треба да ги исполните. Исто и јас. На секој пливач примарно важно му е да го собори рекордот, својот, националниот. Тоа беше и мој порив. Сакав да бидам сè подобар, секогаш подобар од претходно“, вели д-р Сарџовски.

ЉУБОВ КОН ВАТЕРПОЛОТО

Малку подоцна доаѓа допирот со ватерполото. Д-р Сарџовски вели дека во тоа време, слично како и сега во Македонија, овој спорт бил запоставен, без многу играчи, иако имало доста пливачи. „Во тој зачеток, кога недостигаа играчи, нè земаа нас пливачите. Ватерполото е сосема друга димензија од пливањето, бара поголем напор, бара подобра физичка подготвеност. Тоа е многу луцидна игра, бара спортска интелигенција, едноставно спорт што е уникатен. Тука веќе станува збор за тимска игра, за разлика од пливањето“, вели д-р Сарџовски. На почетокот д-р Сарџовски бил дел од тимот на ватерполо-клубот „Вардар“ иако знаеле да играат и за други клубови само за да се одржи натпреварувањето. Подоцна станал и официјален доктор на ватерполистите, ангажиран од Пливачката федерација на земјата, и бил дел од репрезентацијата која учествувала во 2008 година на Европско првенство во Малага, а подоцна во 2009 година на Светското првенство во Рим. Тоа се значајни денови за македонскиот спорт оти тогаш Македонија за првпат учествувала на вакви елитни натпреварувања. Во меѓувреме, д-р Сарџовски бил дел и од Охридскиот маратон. Самиот не учествувал на маратонот, но бил дел од антидопинг-контролата.

“Да играат дерби натпревар Реал Мадрид и Барселона и во 90. минута да има пенал за Лионел Меси, а да знам дека во тоа време има трка на 100 метри градно пливање јас ќе го сменам каналот и ќе го гледам пливањето.”-вели д-р Сарџовски.

БЕЗУСЛОВНА ПОСВЕТЕНОСТ, СО ПОСЕБНИ ЕМОЦИИ

За светот можеби е фудбалот, но за д-р Сарџовски сè уште пливањето е најважната споредна работа на светот. Тој е докажан гинеколог, но не крие дека чувствата кога е на базен се незаменливи. „Не можам да го објаснам чувството дури и кога гледам пливање на телевизија, а камоли да влезам во базен. Да играат дерби натпревар Реал Мадрид и Барселона и во 90. минута да има пенал за Лионел Меси, а да знам дека во тоа време има трка на 100 метри градно пливање јас ќе го сменам каналот и ќе го гледам пливањето. За мене најважната споредна работа во животот е пливањето. Обожавам да сум на базен. Дури да не пливам, само да сум таму. Се чувствувам релаксирано, смирено. Ми доаѓаат некои спомени од натпревари, тренинзи, тешки моменти, убави моменти, тажни моменти. Едноставно голем дел од животот или ете цел мој живот сум со пливањето и тоа едноставно е мојот живот. И ден денес знам да играм ватерполо со другарите или да пливам неколку километри“, вели д-р Сарџовски. Самиот сведочи дека понекогаш дури седнува во автомобил и вози и по илјадници километри за да гледа некое првенство. „Во 2016 година во најголемиот снег со автомобил отидовме во Белград за да го гледаме во живо натпреварот помеѓу Србија и Црна Гора. Едноставно сакам да сум дел од тоа, не пропуштам настан кога сум во близина и едноставно мора да го гледам“, вели д-р Сарџовски. Многу спомени, многу моменти. Има и награди, први места, но има и порази како во секој спорт. Својата борбеност и љубов кон спортот сега ја пренесува и на своите деца. Сепак, вели дека не сака да им наметнува љубов, туку ги остава сами да го изберат спортот што го сакаат. Десетгодишниот син сака тенис, додека петгодишната ќерка сега, со оглед на тоа што е мала, сè уште нема некоја пасија. Знае дека тој се посветил на пливањето затоа што тоа го сакал. Секоја љубов е богатството за животот, спортската носи посебни емоции и позитива. Д-р Сарџовски е вистински пример за тоа.