fbpx

Проф. д-р Димов: Избегнување директен контакт и високо ниво на хигиена – совети за заштита од коронавирусот

11.03.2020

 

Vladimir-Dimov Рацете да се мијат повеќе од вообичаено, да се избегнуваат традиционалните прегрнувања и директните контакти при поздравување, задолжителна и апсолутна самоизолација за сите кои доаѓаат од ризичните региони, советува медицинскиот директор на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, проф. д-р Владимир Димов, во насока на превенција од коронавирусот, во интервју за „А1он“.

Смета дека коронавирусот треба сериозно да се сфати, да не се преценува, ниту да се потценува. Изолација и при најмал сомнеж, почитување на основните хигиенски мерки и препораки од здравствените власти, апелира Димов. Она што според него сега е најважно е високото ниво на лична свест кај сите што доаѓаат од ризични региони за кои, како што вели, е задолжителна апсолутна самоизолација.

„Другите мерки што се препорачуваат се општи, да се мијат рацете многу повеќе од  вообичаено, да се избегнуваат нашите традиционални прегрнувања, бакнувања при поздравување, затоа што колку и да изгледаат дека можеби се тривијални, тоа е сепак еден начин да се избегне директен контакт“, вели Димов и нагласува дека коронавирусот во споредба со птичјиот грип има поголем потенцијал на пренесување.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“, вели тој, уште пред две недели кога немаше ниту еден заболен во државата презема превентивни мерки за заштита на пациентите и на вработените, со што го заштитува и целото општество.

„Воведовме ограничена посета и ограничено движење низ болницата. Се почитуваат правилата со кои се тријажира секој пациент со епидемиолошка анамнеза и анкета, многу е важно пациентот да ни укаже дали патувал и дали бил во контакт со определени лица кај кои постои сомневање дека може да го имаат вирусот, до нивно изолирање на самиот влез во болницата каде што се утврдуваат типичните симптоми, а тоа се треска, покачена температура, изразена кашлица и замор, што можат да дадат првобитна идеја дека може да се работи за сомнителни случаи“, потенцира проф. д-р Димов.

Наместо ширење паника, Димов ги повика граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од вирусот што ги даваат здравствените власти и смета дека и за овој вирус ќе има решение како што имало и за многу други, како што се вариола вера, еболата и  птичјиот грип. Според бројот на случаи, Димов цени дека вирусот во Македонија е во почетна фаза и дека е сосема очекувано е да се појават нови заразени, а во зависност од тоа колку ќе се разбуди свеста и колку ќе се почитуваат правилата за заштита, толку полесно ќе се справиме со вирусот. Мерката за затворањето на предучилишните и училишните установи, според Димов, е соодветна за намалување на контактот меѓу децата, со што се намалува и ризикот од ширење на вирусот.