fbpx

Д-Р ФИДАНОВСКИ: ГОДИШНО ВО СВЕТОТ СЕ РАЃААТ ОКОЛУ 15 МИЛИОНИ НЕДОНОСЕНИ, ДЕЦА ШТО ИМААТ ПОТРЕБА ОД ПОСЕБЕН НАЧИН НА ЛЕКУВАЊЕ И НЕГА 

17.11.2023
AS SvetskiDenNaPredvremenoRodeni Dushko MK

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СО НИЗА АКТИВНОСТИ ГО ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНИ

Целта на одбележувањето на 17 ноември, светскиот ден на недоносеноста и на предвреме родените деца, е да се подигне свеста кај пошироката јавност за значењето на недоносеноста како здравствен, но и севкупен општествен проблем на целата заедница. Годишно во светот се раѓаат околу 15 милиони недоносени. Тоа се деца родени пред 37. недела од гестација и деца со мала и многу мала родилна тежина (помалку од 2 500, односно 1 500 грама), кои имаат потреба од посебен начин на грижа и лекување во посебни оддели (оддели за неонатална и специјална нега на новородени), имаат потреба од подолг престој и третман во болнички установи, а трошоците за нивното лекување се многу големи. Овие деца се со поголем ризик од лош исход (на светско ниво годишно умираат околу 1 милион недоносени), а недоносеноста е и втора најчеста причина за смрт кај децата на возраст до 5 години, објаснува прим. д-р мед. науки Душко Фидановски, специјалист по педијатрија и шеф на одделот. Исто така, одреден процент од недоносените што преживуваат имаат долгорочни последици поврзани со несоодветен физички раст и ментален развој, проблеми со белите дробови, срцето, очите, слухот и спаѓаат во групата деца со посебни потреби, односно претставуваат оптоварување за родителите, семејството, но и за пошироката заедница.

„Од друга страна, треба да се знае дека недоносеноста и предвременото породување се состојби што можат успешно да се превенираат доколку се подобри грижата за жената во репродуктивниот период, а особено во текот на бременоста и се преземат одредени мерки што ќе спречат предвремено породување. Се работи за еден мултидисциплинарен пристап кон оваа проблематика во кој треба да учествуваат медицинските работници (пред сè, гинеколозите, педијатрите и матичните лекари), но треба да бидат активно вклучени и одговорните за креирањето на здравствената политика во секоја земја, политичарите, стопанствениците, медиумите и целата јавност за успешно спроведување на потребните активности. Редовните контроли на бремената жена, едукација на жената и создавање навика за грижа за репродуктивното здравје, обезбедување соодветна исхрана, подобрување на стандардот и квалитетот на живеењето, контрола и превенција на хроничните заболувања (пред сè, дијабетесот и хипертензијата), откривањето и лекувањето на инфекциите во текот на бременоста, намалување на стапката на пушење, намалување и искоренување на употребата на дроги и лекови, може да бидат од големо значење во превенцијата на предвременото породување. Употребата на кортикостероиди, антибиотици и токолитици во случаи каде што има ризик од предвремено породување, како и трансфер на трудницата (таканаречен транспорт ин утеро) во центар, кој има можност и искуство за лекување на недоносени, се исто така од голема важност за зголемување на шансите за успешно лекување на недоносеното и намалување на компликациите од недоносеноста“ – вели д-р Фидановски.

AS WorldPrematurityDay SocialMedia x
AS WorldPrematurityDay SocialMedia x

Мотото на одбележување на овогодишниот ден на недоносените, кој се организира низ целиот свет по 15. јубилеен пат, е обезбедување веднаш и постојано „контакт кожа со кожа за секое новородено и насекаде”, постапка особено важна кај недоносените.

„Овозможување близок контакт на новороденчето, особено на недоносеното со родителот, мајката или таткото, од моментот на раѓање и понатаму во текот на првите денови и месеци од животот (особено на недоносените со потреба од болнички третман) е едноставна постапка со големи придобивки за новородените. Блискиот и постојан контакт на родителот со детето во текот на престојот во болнички установи овозможува подобрување на исходот на лекувањето, драстично намалувајќи ја смртноста кај овие деца и скратувајќи го лекувањето во болнички установи. Како и секоја година, и оваа година нашата болница ‘Аџибадем Систина’, особено персоналот од Одделот за неонатологија и неонатална интензивна нега, се приклучува во одбележување на денот на недоносеноста со организирање на средби со недоносените деца, кои се родени во нашата болница, со учество на наши доктори неонатолози на стручни собири и трибини, организирани поовој поводво земјата, истакнување на постери со логото на овој ден, како и на мотото на настанот. Во текот на месец ноември, виолетовата боја, која ја симболизира недоносеноста, ќе биде застапена на униформите на персоналот и во просториите каде што престојуваат новородените, а оваа година сестрите што се грижат за недоносените во нашата болница, на 17 ноември, ќе испуштат 54 виолетови балони на отворено, кој го симболизира бројот на досега предвремено родените деца во нашата болница во годината што изминува“ – објаснува д-р Фидановски.

Најсовремена единица за неонатологија и неонатална интензивна нега

Единицата за неонатална интензивна нега во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е опремена со најсовремена апаратура како: инкубатори,  апарати за инвазивна и неинвазивна механичка вентилација, тотална парентерална и ентерална исхрана. Грижата за вашето бебе е овозможена од најискусниот тим неонатолози – интензивисти во државава. Одделот за интензивна нега и терапија е отворен за прием на надворешни пациенти (новороденчиња породени во други медицински центри), кои имаат потреба од услуги за специјална нега и терапија што ги нуди нашата болница, а овозможен е и транспорт на високоризични и тешко болни новороденчиња, со најсовремено возило, целосно опремено и приспособено за транспорт.