fbpx

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СТАНА ДЕЛ ОД ЕВРОПСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА КАРДИО-ТОРАКАЛНА ХИРУГИЈА

01.10.2021

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ стана дел од семејството на најпрестижни здравствени центри во Европа. Адултната кардиохирургија предводена од професор д-р Александар Николиќ доби меѓународна потврда од Европската асоцијација за кардио-торакална хиругија. Овој голем успех за болницата е уште еден показател дека оваа клиничка болница нуди квалитетна здравствена услуга на рамниште на најголемите болници во светот. Успешните резултати од кардиохируршките интервенции практично ја ставија рамо до рамо со болниците во Велика Британија, Италија, Германија, Шпанија.

ПРЕСТИЖНО ЧЛЕНСТВО

Европската асоцијација (EACTS) ги анализира резултатите и методологиите на болниците кои се дел од оваа организација, ги споредува и ги експонира особено во поглед на лекувањето. Тоа има за цел да ги поттикне болниците преку компаративност да остварат подобри резултати, но и да ја унапредат процедурата во третманот на овие кардиохируршки интервенции, едни од најспецифичните во медицината. Проф. д-р Николиќ вели дека да се биде дел од ова семејство е привилегија, во регионот само Македонија и Хрватска имаат свои претставници во оваа европска организација. „(EACTS) организацијата е дел од Европската Унија, зборуваме за центар во кој партиципираат болници во кои се смета дека работат најдобрите доктори во Европа. Особено сум горд што успеавме на нивната мапа да ја ставиме и Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’. Освен болница од Хрватска, не партиципира здравствена установа од друга земја од регионот. Да бидам уште појасен, тука нема претставници ниту од Србија, Црна Гора, Романија, Албанија и Бугарија. Имаме одлична можност да разменуваме искуства со нашите колеги од Европа“, вели проф. д-р Николиќ.

ЕВРОПСКИ ПЕЧАТ ЗА КВАЛИТЕТ И ПРОФЕСИОНАЛНОСТ

Проф. д-р Николиќ веќе неколку години по ред е активен учесник на собирите кои ги организира EACTS. На овие конференции реферира за успешноста на интервенциите што се изведуваат во „Аџибадем Систина“. Инаку, резултатите на нашата болница во успешност се слични како и и оние кои ги имаат другите најдобри болници во Европа. Ова според него значи препознатливост и можност во „Аџибадем Систина“ да се имаат податоците на другите европски центри. Со тоа ќе се види каков е напредокот во болницата овде, но и на каков начин може да се унапреди лекувањето, третманите. „Да видиме во што сме добри и каде може да се подобриме. Секако ова е печат и потврда за пациентите дека овде се добива квалитетна услуга. Ние сме компаративни со другите европски центри. Инаку како членка, тоа значи дека претставници на оваа организација можат постојано да доаѓаат и да ги контролираат овие наши податоци. Имаат можност да ја мониторираат кардиохиругијата, а самиот тој процес дополнително е гаранција дека квалитетот на услугите овде е врвен“, вели проф. д-р Николиќ. Тој сведочи дека ако се анализираат резултатите од лекувањето на пациентите во последните неколку години, постигнувањата овде во „Аџибадем Систина“ се на ниво на другите развиени центри. Болницата ги следи сите најнови стандарди во дијагностиката, лекувањето и третманот. Опремена е со најмодерна опрема и користи софистицирани материјали. Д-р Николиќ вели дека во однос на преживеаните пациенти, резултатите во „Аџибадем Систина“ се како во САД и Европа. Инаку, станува збор за најтешката хирургија со најголем ризик, а „Аџибадем Систина“, иако е помала болница во споредба со останати во светските центри, сепак има импозантни резултати во исходот од лечењето.