fbpx

10 ГОДИНИ ДЕТСКА КАРДИОХИРУРГИЈА ВО МАКЕДОНИЈА, ИНТЕРВЈУ СО ДОЦ. Д-Р ВЛАДИМИР ЧАДИКОВСКИ

20.02.2023
ГОЛЕМИОТ БРОЈ СПАСЕНИ БЕБИЊА СЕ НАШИТЕ ПЕХАРИ, ДРУГО ПРИЗНАНИЕ НЕМАМЕ: ДОЦ. Д-Р ЧАДИКОВСКИ ЗА СИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ВО 10-ГОДИШНОТО ПОСТОЕЊЕ НА ДЕТСКАТА КАРДИОХИРУРГИЈА
TSadikovski

Педесет професионалци предводени од доц. д-р Владимир Чадиковски, супспецијалист по детска кардиохирургија, секојдневно водат беспоштедна борба да се спаси детски живот. Од 120-150 бебиња, кои во нашава земја се раѓаат со вродена срцева мана на годишно ниво, доколку не се оперираат веднаш, имаат, за жал, 100-процентна смртност. Овој тим, кој работи како еден, е победнички, вели доц. д-р Чадиковски во денешното интервју за „Фактор“, по повод 10-годишниот јубилеј.

Д-р Чадиковски: Отворив врата за идните генерации да бидат подобри од мене. Направивме супспецијализација за детска кардиохиругија првпат на Медицинскиот факултет. Успеав да направам победнички тим, кој сега ќе негува нови генерации, дека на крајот секогаш се бројат само победите и успесите…

Една од најпрестижните области во медицината е детската кардиохирургија. 10 години предводите тим што успешно се соочува со низа неверојатни предизвици. Д-р Чадиковски, може ли да направите една паралела, како почнавте и до каде стигнавте во детската кардиохирургија, која благодарение на Вас почна да функционира во Македонија во 2013 година.

Д-р Чадиковски: Оваа година правиме 10 години откога започна проектот „детска кардиохирургија“ во нашата држава. На почетокот имаше едно прашање што цело време си го поставував – зошто досега нема ваква медицинска гранка (најтешка системска медицинска гранка) кај нас. 120-150 деца се раѓаат годишно со вродена срцева мана, ако не ги оперираш веднаш, имаат 100 проценти смртност (80 проценти во првите неколку месеци). 20 години децата одат да се оперираат во Софија, успеваат само 40-45 проценти да стигнат до операција, според нашите статистики што ги имаме досега. Значи, половина од децата годишно завршуваат без шанса за живот. Огромни средства се одлеваат од Фондот за лекување во странство и уште огромен број други придружни проблеми. За кратко време ќе сфатите зошто немало – дека е „пеколно“ тешко да се направи систем во систем и тим од 50 професионалци кои ќе работат како еден. Сè започна со средба иницирана тогаш од министерот за здравство, Никола Тодоров, кој го покани проф. Вилијам Новик со цел негов тим во нашата држава, за да го започнеме овој проект. Откога се поставија основните постулати како тоа ќе се организира, започнав со работа која не беше поврзана со операции туку со организирање систем. Морав цела година да поминам по донаторски настани за собирање пари за реновирање на Одделот за детска хирургија, за да го подготвам за можност да се оперираат деца со срцеви мани. Прво започнав со амбасадорката Симоне Филипини, огормен број настани, а потоа се приклучи и Министерството за одбрана на САД, при што опремивме цел оддел за интензивно лекување, комплет апаратура, опремување на операционите сали, реновирање на целата клиника, амбулантите и три од 4 лифта на Одделот за хирургија. 

Намерно оставив еден лифт за да видат како изгледало порано, дека нашиот народ бргу заборава. По една година подготовки, сè започна со оператива, при што во едукација учествуваа повеќе од 400 професионалци од повеќе од 30 држави. Беше навистина тешко во првите години, притисоци имаше од сите страни, но некако се успеа во таа борба. Во првите 3-4 години се оперираа повеќе од 200-250 деца. Павињонскиот тип клиники беше огромен проблем, дека клиниките се на различни позиции во кампусот. Чисто информативно, ние започнавме една година пред адултната кардиохирургија чии доктори цела година оперираа во нашите сали, а потоа се оформи нивната клиника. Да, во последните 3 години веќе сме во „Аџибадем Систина“ и имам свој оддел акредитиран по ЈСИ-стандарди првпат во нашата држава и регионот, со повеќе од 50 професионалци едуцирани во оваа област, а сите услуги се покриени од ФЗОМ. Сите деца добиваат шанса за живот, значи со покриени трошоци од државата, добиваат најдобри услови за третман. Како илустрација, каде и да проверите во САД или Европа, кога една болница има детска кардиохирургија, тоа е болница со 5 ѕвезди, поради тоа што покажувате систем, тим што функционира како еден. Со тоа треба да се гордее и државата, дека има оддел што може да ги згрижи сите најтешки болни бебиња и деца.

Мора да признам дека сега од оваа перспектива гледано, многу труд се вложи за да успее сето ова.

Располагате ли со конкретни бројки во однос на тоа колку операции се досега направени и колкава е најмалата возраст на дете/бебе врз кое морало да се направи одредена кардиохируршка интервенција?

Д-р Чадиковски:  Досега се третирани повеќе од 1 000 бебиња, со морталитет што е речиси идентичен со оној во околните држави и Европа, а што се однесува до тоа, мислам дека некаде 1500 грама е најмалото третирано бебе кај нас на одделот.

Во Вашето десетгодишно дејствување на ова поле, може ли да издвоите еден од предизвиците што засекогаш ќе го паметите? 

Д-р Чадиковски: Драго ми е што веќе можеме да се справиме со сите предизвици во детската кардиохирургија, најсовремени оперативни техники, постоперативна нега, дијагностика, хибридни процедури, интервентна кардиологија, електрофизиологија, ехотомографија кај трудници и нивно следење. Првпат почнавме со ЕКМО и призма, хемодијализа кај бебиња и деца со одлични резултати.

Од каде сè имате пациенти?

Д-р Чадиковски: Ги згрижуваме веќе сите бебиња и деца со вродени срцеви мани во нашата држава, а веќе опериравме повеќе од 50 бебиња од Косово. Сега сме во преговори да започнеме со третман на деца од Албанија.

Која е најголемата награда со која се гордеете како единствен супспецијалист за детска кардиохирургија во Македонија?

Д-р Чадиковски: Знаете, најинтересно е што поминаа повеќе од 10 години, оперирани се повеќе од 1 000 бебиња кои се најтешките во државата за згрижување. Никогаш во историјата на македонското здравство не постоела ваква специјалност. Децата и родителите оделе во странство, повеќе од 1000 бебиња починале без борба пред да започне нашиот проект. Има само 4 центри во регионот: Белград, Софија и Атина и еден кај нас. Никој досега не се сети, без разлика која влада, градоначалник, претседател, да го награди со благодарница овој тим од 50 професионалци кои секој ден се борат со најтешките бебиња во државава. Ќе кажам, најголема награда на сите нас во тимот ни е кога ќе заминат дома родителите среќни со здраво дете. Не успеваме секогаш да ги спасиме сите, што ми е особено тешко, но на сите родители им кажувам, единствено нешто што им гарантирам е дека јас и целиот мој тим ќе дадеме сè од себе за да го спасиме нивното дете. Само тоа можам да им го гарантирам.

Ќе ни откриете ли кои се Вашите следни чекори и каде се гледате себеси во следните 10 години?

Д-р Чадиковски: Мојата кариера, вака или онака, ќе заврши за некое скоро време, не знам дали тоа што јас го поминав е добро или лошо, правилно или неправилно, успешно или неуспешно, знам единствено  дека отворив врата на идните генерации да бидат подобри од мене. Направивме супспецијализација за детска кардиохирургија првпат на Медицинскиот факултет. Успеав да направам победнички тим кој сега ќе негува нови генерации, дека на крајот секогаш се бројат само победите и успесите, мојот тим е победнички, а пехарите се огромниот број спасени бебиња.

Извор – Фактор