fbpx

ПРВО ОТСТРАНУВАЊЕ НА КАМЕН ВО УРЕТEР СО АНТЕРОГРАДЕН ПРИСТАП ПРЕКУ БУБРЕГ

14.06.2023

Флексибилна уретерореноскопија и холиум ласер литотрипсија претставуваат минимално инвазивна безбедна ендоскопска процедура за третман на камчиња во бубрези. Вообичаено се пристапува низ мочниот меур до бубрегот каде што каменот се „крши“ на ситни фрагменти или до ниво на прашина. Со оваа метода, покрај тоа што се врши распаѓање на камчињата, може да се извадат и фрагменти за нивна анализа. Предноста на оваа процедура е во тоа што е достапен секој дел од бубрегот, пациентите излегуваат од болница следниот ден и има најниска стапка на компликации.

AS Vladimir Post

Првото отстранување на камен во уретeр со антерограден пристап во нашиот случај, на Одделот за урологија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“, се изведе кај пациентка од 57 години со отстранет мочен меур поради малигна болест и заглавен камен во уретeр.

„Претходно беше поставена перкутана нефростома поради трески, покачена температура и септична состојба. Поради изменета анатомија на уринарниот тракт на пациентката, се одлучивме да се пристапи до каменот низ самиот бубрег. Преку претходно поставена нефростома, се влезе во бубрегот надолу до камчето и со флексибилен уретерореноскоп, со помош на холиум ласер, се направи комплетна дезинтеграција на камчето. Потоа преку бубрегот се постави Ј-Ј сонда. Пациентката, во добра општа состојба и без перкутана нефростома, наредниот ден се пушти на домашно лекување“ – објаснува д-р Владимир Лозановски, специјалист по урологија.  

Третманот на бубрежни камчиња кај пациенти со трансплантиран бубрег и со уринарна деривација е предизвик и тој треба да се моделира во зависност од ситуацијата кај секој пациент поединечно. Антероградна флексибилна уретерореноскопија, како метода на избор, се користи ретко, но во специфични случаи е изводлива и репродуктивна.