Аџибадем Систина

ВТОР ЖИВОТ ЗА 47-ГОДИШНИОТ АЛЕКСАНДАР

30.07.2025

НАМЕСТО ЗА МАРАТОН, СЕ ПОДГОТВУВАВ ЗА ОПЕРАЦИЈА НА СРЦЕ

На четириесет и седумгодишниот Александар Јуруковски од Скопје му било дијагностицирано сериозно проширување на коренот на срцевата аорта, кое било потенцијален ризик за неговиот живот. Ваквото проширување (аневризма) претставува зголемување на дијаметарот на почетниот дел од аортата – најголемата артерија во телото што излегува директно од левата комора на срцето. Ова може да доведе до сериозни компликации и може да е животозагрозувачка состојба доколку навреме не се препознае и третира.

Александар во изминативе години немал ниту еден симптом што би можело да го натера да отиде на детален кардиолошки преглед. Првично во 2015 година на рутински кардиолошки преглед му е кажано дека има зголемување на коренот на аортата со препорака за следење на состојбата. Потоа во 2020 година на преглед е констатирано истото, но на 27 декември 2024 година се случува пресврт во неговиот живот, кога снимката на компјутерската томографија покажува сериозно проширување на аортата. Откако му било укажано дека состојбата бара итна интервенција, Александар, по препорака од пријатели, доаѓа во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, на преглед кај проф. д-р Александар Николиќ. По направените иследувања, проф. д-р Николиќ го потврдува истото, дека нема време за чекање и дека операцијата треба да се направи што поскоро.

Александар водел исклучително здрав живот, со редовни функционални тренинзи и здрава исхрана. Во изминативе години активно учествувал на голем број полумаратони и маратони во земјава и регионот. Во ниту еден момент не почувствувал ниту еден симптом, никакви тегоби што би го натерале да отиде на лекар. 

„Информацијата дека треба да правам операција на срце за мене беше вистински шок. Во тој период, бев во одлична физичка кондиција, редовно тренирав и трчав, се подготвував за следни маратони. И одеднаш докторите ми велат дека треба веднаш да прекинам со каква било поголема физичка активност, да се подготвам и да дојдам во болница за да се направи операција на срце. Тоа беше голем пресврт во мојот живот. Јас не можев да се замислам дека треба да застанам, да ги сменам сите дневни активности и обврски. Следуваше голем предизвик за мене и моето семејство“, вели Александар.

 
ВИСТИНСКА ОДЛУКА ВО ВИСТИНСКО ВРЕМЕ

На 18 февруари на Александар му е изведена кардиохируршка операција, која поминала уредно, без никакви компликации за време и по интервенцијата. Она што уште еднаш било  констатирано е дека одлуката за интервенција била донесена во вистинско време, бидејќи проширувањето на аортата било многу големо и било буквално пред прскање на аортата, кое доколку се случи е огромен ризик по животот. 

„Со оглед на состојбата и утврденото проширување на аортата, потребна беше итна интервенција. Операцијата помина во најдобар ред, беше санирано проширувањето на коренот на аортата. Увидовме дека состојбата е алармантна, бидејќи аневризмата беше значително голема и во прашање беа денови до нејзино прскање. По интервенцијата пациентот беше во Единицата за кардиохируршка интензивна нега, по што беше префрлен на стационарот. Физичката активност и претходната подготвеност на Александар се од голема помош за претстојниот период на закрепнување, бидејќи се работи за млад и здрав пациент“, објаснува проф. д-р Николиќ.

 
ПРОФ. Д-Р НИКОЛИЌ МИ ПОДАРИ ВТОР ЖИВОТ
 

При првата средба со проф. Николиќ по завршената операција, Александар се заблагодари за можноста да го живее својот втор живот.  

„Колку и да е тешко да се каже, јас навистина живеам втор живот благодарение на проф. д-р Николиќ. За само месец и пол согледуваш дека животот за секунда може да те однесе во еден друг правец, од кој излез има ако веруваш во професионалноста на докторите и целиот тим. Благодарен сум што проф. Николиќ и неговиот тим ми овозможија да живеам, да го надминам проблемот и да продолжам понатаму. Благодарен сум буквално на сите вработени од Одделот за кардиохирургија и Интензивна кардиохируршка нега, на главната сестра Каролина, на сите болничари, физиотерапевти, на д-р Бети Костадиновска и д-р Ивица Стефановски, на д-р Александар Божиновски. Сите беа толку организирани и професионални. Нивниот начин на работа и пристапот со пациентите се извонредно професионални“, вели Александар.

Неколку месеци по интервенцијата, Александар одлично заздравува и полека започнува со физичка активност, долго пешачење и изведување на сите дневни обврски. Сега му следува период на рехабилитација, со цел целосно закрепнување и враќање во нормала. 

 
 
 

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.