*Image credit “Med Uni Graz”
Доц. д-р Миленко Костов реализираше стручен престој на Одделот за неврохирургија при Медицинскиот универзитет во Грац, Австрија, кој важи за еден од водечките референтни центри во Европа за неврохируршки интервенции, вклучувајќи и роботска хирургија.
Во текот на двонеделниот престој, д-р Костов активно учествуваше во изведување на бројни комплексни неврохируршки зафати под менторство на проф. д-р Стефан Волфсбергер, шеф на Одделот и еден од најистакнатите европски неврохирурзи со над 30 години искуство.
„Престојот во Грац беше извонредна можност за продлабочување на моето знаење и искуство. Имав прилика да присуствувам на роботски асистирани биопсии, да работам на тумори врз база на черепот, како и да учествувам во изведување на хирургија на буден пациент – исклучително прецизна и фасцинантна метода во која пациентот комуницира со тимот за време на интервенцијата“, вели д-р Костов.
Особен фокус беше ставен на користење на невронавигацискиот систем, алатка што овозможува висока прецизност при интервенциите. Како што истакна д-р Костов, ова искуство значително го збогати неговото познавање за напредните функционалности на системот што се користи и во болницата „Аџибадем Систина“.
Со тимот од Грац е воспоставена одлична стручна соработка, во која се разменуваат искуства и се унапредува примената на најсовремените технологии во неврохирургијата.
Следниот чекор во едукацијата на доц. д-р Костов е планиран за септември, со фокус на вградување мозочни импланти кај пациенти со Паркинсонова болест – уште еден чекор во континуираниот процес на развој и примена на врвната медицина.
Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.