Крушево, едно од најпознатите места за параглајдинг во светот, секоја година привлекува авантуристи од разни држави. Една од нив е и Полин Бајл, која пред речиси две години, со полскиот тим и поради својата љубов спрема параглајдерството, била поттикната да го посети Крушево. Но, она што започна како возбудливо искуство, на последниот ден од нејзината посета, при слетување со параглајдер, заврши со сериозна повреда на десното стапало, која мораше итно да се санира.
„Тој ден имаше многу ветар и при слетувањето се здобив со многу тешка повреда на десното стапало. На местото каде што слетав бев сосема сама, никој од мојот тим не беше во моја близина. Имав страшни болки, стапалото ми беше целосно дислоцирано, не можев да одам. Успеав некако да го исконтактирам мојот инструктор, на кого му требаше еден час да стигне до местото каде што се наоѓав. За среќа, кога инструкторот почна да се јавува по болнички установи за информации, сопственикот на куќата во која престојувавме ни препорача да одиме во ‘Аџибадем Систина’ и по три часа пат стигнавме таму“, вели Полин
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, пациентката Полин ја примил д-р Михајло Ивановски, специјалист по трауматологија, кој ѝ рекол дека веднаш треба да се изврши операција, но ја охрабрил да не се плаши и ја уверил дека сè ќе биде во ред и дека сигурно повторно ќе се движи без проблеми.
„По направените клинички и радиолошки испитувања, утврдивме дека се потребни два оперативни зафати. Едниот оперативен зафат го направивме веднаш по приемот и тој беше за репозиција на отворената луксација на палецот и тарзалните коски, а за вториот зафат моравме да почекаме две недели поради локалниот наод на стапалото. Двете операции поминаа успешно“, објаснува д-р Ивановски.
Престојот во Скопје не бил лесен за Полин – сама и далеку од дома, во друга држава. Таа вели дека секогаш ќе се сеќава на топлиот прием во болницата и на грижата од персоналот, кои направиле да се чувствува безбедно и прифатено од првиот момент.
„Почувствував нешто што не можев да го очекувам – топлина и човечност на секој чекор. Целиот персонал – докторите, медицинските сестри, болничарите – беа многу љубезни и грижливи. Нивниот позитивен пристап и насмевките за време на престојот во болницата ми даваа сила и утеха. Тоа ми помогна да не размислувам за сериозноста на повредата. Немам зборови со кои можам да ја искажам мојата благодарност за сите овие луѓе, особено за медицинскиот тим“, вели Полин.
Поради комплицираната природа на повредата, Полин останала во Скопје уште еден месец за рехабилитација и следење на закрепнувањето, а потоа се вратила дома во Полска. Таму продолжила со контролни прегледи кај специјалисти во Полска, а подоцна и во Франција. За тамошните доктори, оваа операција била вистински подвиг, за што ѝ признале дека тие никогаш не би презеле таков ризик.
„На сите контроли во Полска и Франција ми велеа да бидам внимателна, дека не знаат како ќе реагира ногата со текот на времето. Никој од нив не ми даде јасен одговор – освен мојот доктор од Скопје, кој ми рече: ‘Ти повторно ќе одиш и ќе леташ за една година’“, вели Полин.
По речиси две години, Полин повторно се враќа во Скопје, со една цел – да го посети д-р Ивановски и да го слушне неговото мислење, кое најмногу ѝ значи. Таа планира нова авантура во ноември, овој пат во Непал – искачување на Анапурна заедно со група планинари. Вели дека со планинарење се занимава повеќе од 10 години, но по несреќата, едно прашање постојано ја мачело: „Дали ќе можам повторно по повредата?“
„Имав мислења од многу доктори, но само едно ми беше важно – мислењето на докторот што ме оперираше и што ми го врати животот во движење. Пред да тргнам во нова авантура, едноставно сакав д-р Михајло Ивановски да ми каже дека сум подготвена. На него најмногу му верувам“.
Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.