fbpx

„НЕ МОЖЕШ СО ЗБОРОВИ ДА ГО ОПИШЕШ ЧУВСТВОТО КОГА НА СВЕТ НОСИШ НОВ ЖИВОТ“ – АКУШЕРКАТА СИБИНОВСКА СИ ЗАМИНУВА ВО ПЕНЗИЈА

26.07.2021

Со солзи радосници и искрени прегратки од своите колеги, акушерката Елизабета Сибиновска си заминува од Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Работниот век го завршува по 40 години посветеност само на оваа работа – на грижата за родилките и новороденчињата.

„Со гордост можам да кажам дека ја работев најдобрата и најхуманата работа на светот. Не можеш со зборови да го опишеш чувството кога на свет ќе донесеш нов живот. Колку и да е тешка, одговорна и стресна работата, едноставно се будиш и заспиваш со неа. Веќе ми недостига родилната сала и детскиот плач“ – објаснува таа.

elizabeta sibinovska
 

За „Аџибадем Систина“ вели дека е идеално место за работа, каде што се работи тимски и се обезбедени сите услови за работа.

„Во Клиничката болница  ‘Аџибадем Систина’ сум од 2001 година, од самото постоење на болницата, која тогаш се викаше ‘Мала Богородица’. Си заминувам со најубавите спомени од овде. Ќе ми недостасуваат колегите и работата. Родилната сала и дневната болница беа мојата втора љубов“- вели Сибиновска.

Со голема љубов и посветеност си ги извршувала работните обврски, пациентите ја паметат по насмевката и добриот прием, колегите, пак, како вистински пријател и професионалец. Вреден работник кој одговорно си ја завршувал секоја зададена задача.

Со насмевка на лицето колегите од одделот ја испратија Елизабета и ѝ посакаа среќни и долговечни пензионерски денови.