fbpx

НАЈХУМАНАТА ПРОФЕСИЈА ИСПРАВЕНА ПРЕД НАЈГОЛЕМИОТ ПРЕДИЗВИК: УЛОГАТА НА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ КЛУЧНА ВО БОРБАТА СО КОРОНАВИРУСОТ

12.05.2020

dil kor

На 200-годишнината од раѓањето на Флоренс Најтингејл, во годината посветена на медицинската сестра во светот, медицинските сестри се соочуваат со најголемиот предизвик – вирусот кој за кус период ги премина границите и се распространи на сите континенти, ни наметна нови правила и процедури, кои се менуваат секојдневно и се споделуваат веднаш низ сите земји во светот.

Главната медицинска сестра во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, Билјана Дилевска, го истакнува значењето на оваа професија, потенцирајќи дека медицинските сестри се во најпрвите борбени редови во справувањето со коронавирусот.

„Медицинските сестри уште при одбирањето на професијата даваат етичка и професионална заклетва која докажува дека грижата за другите и хуманоста ќе им биде основна и најважна мисија во животот. Нашата професија е нешто што се работи со гордост и задоволство, професија која им е доверена само на оние кои имаат посебна емпатија кон луѓето и нивните проблеми. Секогаш кога некоја од сестрите или одделите ќе добие пофалби за својата работа, одговорот е секогаш ист – привилегија е да се чува најсветото нешто на човекот- неговото здравје и живот“, вели таа.

necovska

Медицинскиот персонал и пациентите во „Аџибадем Систина“ максимално заштитени

Медицинските сестри, вели Дилевска, се најбројниот медицински персонал кој е директно вклучен во „борбата“ во Ковид-19, најсовремениот невидлив, но најсилен непријател со кој човештвото се справува од неговото постоење.

„Никогаш човештвото не било пред толку голем предизвик за брзо и сплотено делување за општото добро на сите. Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ уште при прогласувањето на епидемија со коронавирусот во Кина ги ‘крена’ високо своите стандарди на претпазливост и уште пред прогласувањето на пандемијата почнавме со следење на состојбата. Се оформи кризен штаб кој секој ден дава извештај за преземени мерки и состојбата во земјата и светот“, потенцира сестра Дилевска.

Најчестото прашање кое медицинските сестри си го поставуваа на почетокот, вели таа, беше дали личната заштита која ја користат е доволна и дали мерките на претпазливост се соодветни за одделите каде што работат. Главната медицинска сестра Дилевска вели дека чувството на колективна безбедност е битен фактор во работата на медицинските сестри.

„На работните состаноци на Комитетот за превенција и контрола на интрахоспитални инфекции се донесоа одлуки за изработка на процедури за работа кај пациенти суспектни или заболени од Ковид-19 и користење лична заштитна опрема зависно од нивото на ризик. Постојаните едукации и контроли доведоа до тоа целокупниот персонал да е секогаш известен за состојбата во болницата и државата, како и секојдневни извештаи за напредување на вирусот во светот. Состојбата со коронавирусот не научи на нешто што одамна е присутно кај секој здравствен работник, а тоа е грижата не само за пациентите,туку и за сите во колективот“, вели Дилевска.

Улогата на медицинските сестри е клучна во услови на кронавирусот. Освен што се грижат за негата и терапијата на пациентите, тие во овие тешки услови се и нивната најголема психолошка поддршка. Хуманоста на професијата во овие моменти е уште повеќе изразена.

„Докторите како носители на здравствената дејност ги поставуваат принципите за лекување на пациентите, но целокупната грижа и директен контакт со пациентите во најголем процент од денот е од страна на медицинските сестри. Основното правило во „Аџибадем Систина“ е дека пациентот е најважното нешто и дека правото на здравје е основно човеково право. Високите стандарди на работа во нашата болница овозможуваат безбедност во секој сектор и не само за пациентите, туку и на посетителите и сите вработени, без исклучок. Работниот ден на една сестра е исполнет со професионалност, одговорност, брзи и прецизни активности, но и емоции и сочувство. Секој пациент е различен, секој пациент бара посебен пристап, но секој пациент е огромна одговорност за секој кој знае колку е тешко да се биде секогаш рационален и професионален. Низ нашиот работен ден се среќаваме со пациенти со секаква медицинска потреба и медицинската сестра не се грижи само за терапијата и негата на телото на пациентот, туку и за неговата психичка состојба. Тој сегмент од нашата работа не прави посебни, тука се создава таа блискост со пациентот која само медицинската сестра може да ја создаде“, споделува сестра Дилевска.

Скафандерите и маските не можат да ја сокријат позитивната енергија и насмевката со која медицинските сестри се борат против коронавирусот

ibis naslovna

Сестра Дилевска упатува порака до сите медицински сестри дека само со сплотеност, позитивна енергија и професионалност можат да успеат да го „пребродат“овој тежок, бурен и неизвесен период.

„Ние, медицинските сестри го имаме најмоќното ‘оружје’ кое не прави секогаш исправени пред сите предизвици во нашата професија, а тоа е секако нашата насмевка. Ниту заштитните маски, ниту скафандерите нема да ја сокријат вашата насмевка, а вашите очи секогаш ќе бидат огледало на големото хумано срце на медицинската сестра. Пораката која медицинските сестри ја испраќаат до остатокот на светот е поврзана со почитување на мерките и препораките на Светската здравствена организација и подигање на националната свест. Со почитување на мерките на заштита, покажуваме почит кон секој здравствен работник и почит кон ‘борбата’ на медицинските сестри за сузбивање на коронавирусот. Нека ни е честит Денот на медицинските сестри и нека оваа тешка година нè научи сите дека нашата професија е најхумана и најодговорна, бидејќи за животот се работи!“, порачува Дилевска.

sestri pedijatrija