fbpx

Меѓународна средба за стерилизација: КБ „Аџибадем Систина“ пионер во оваа практика

02.04.2019

Да се поткрене нивото на стерилизациите во Македонија и во регионот беше клучна цел на меѓународната средба што се одржа во Скопје на 23 март. Средбата, на која учествуваше и Клиничката болница „Аџибадем Систина“, беше на тема „Примена на постапките за стерилизација, нивно следење и контрола на стерилизација“. На оваа важна средба, која ја организираше  Асоцијацијата за дезинфекција и стерилизација на Македонија (ДСАМ), како член на Светската федерација за болничка стерилизација, се зборуваше за повеќе теми поврзани со репроцесирањето на материјалите од подготовката, следењето, валидацијата, индикаторите за стерилност и следењето на стерилизираниот материјал по напуштањето на стерилизациите, сè до негово враќање назад.

Како претставник на средбата од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, свое стручно предавање имаше Александар Стојковски, клинички супервизор за квалитет и медицински техничар за превенција и контрола на инфекции.

Стојковски презентираше на тема „Следење на инструменти и материјали кои се реупотребуваат“ во првата сесија од настанот и предизвика огромен интерес како кај гостите и предавачите од Македонија така и кај присутните гости од Србија, Бугарија, Словенија и Холандија.

Самиот процес на следење на инструментите и материјалите кои се реупотребуваат е уникатен и пионерски проект на КБ „Аџибадем Систина“. Тој детално беше објаснет низ презентацијата која ја следеа медицински сестри техничари кои работат во операциони сали и оддели за стерилизација, доктори, но и претставници на компании кои работат со медицински инструменти, материјали и дезинфекциски средства.