fbpx

СРЦЕ ЗА СРЦЕ – НЕИЗМЕРНА БЛАГОДАРНОСТ ОД СЕМЕЈСТВОТО ПЕШИЌ ЗА ПРОФ. Д-Р НИКОЛИЌ

17.09.2021

Драматични денови, безнадежни часови, желба што побрзо да оздрави и да се врати на својот нормален живот. Низ солзи, 65-годишната Анка Пешиќ почнува да ја раскажува голготата што ја минала низ болничките ходници во земјава. Сè траело со месеци. Обесхрабрена и знаејќи дека се соочува со дотогаш својот најголем животен предизвик, Пешиќ со недели барала одговор за причините за нејзиното нарушено здравје.

ИНФЕКЦИЈА НА СРЦЕВИТЕ ЗАЛИСТОЦИ

Проблемите почнуваат кога наеднаш ја изгубила силата, ама до тој степен да не може да оди. Во исто време, Анка Пешиќ го изгубила апетитот, кренала висока температура, а во крвната слика се покажало дека има проблем – почнало да ѝ паѓа железото, се покачило CRP. Првичните согледувања дека можеби се работи за карцином биле шок за семејството Пешиќ. Следувале дополнителни испитувања, многу непроспиени ноќи, но и среќа Пешиќ да дојде во „Аџибадем Систина“. Откако се утврдило дека всушност имала проблеми со срцето, таа е благодарна што го запознала проф. д-р Александар Николиќ. Сега заздравува по успешна интервенција.

ПАТОТ ДО ПРОФ. Д-Р НИКОЛИЌ

Приказната сепак има многу емоции, многу талкања по одговори. Пешиќ вели дека сите мислеле дека има карцином, а правела испитувања и на желудник. Сепак, на преглед кај пулмолог ѝ било утврдено дека има шум на срцето, нешто што дало сосема нова трага во барање на точната дијагноза за проблемот. Тогаш нејзиното семејство побарало помош од проф. д-р Александар Николиќ.

nikolik pesik

Истиот ден кога дошле во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ д-р Николиќ побарал да се направи ехо на срцето. Резултатите покажале дека станува збор за сериозна инфекција на залистокот којa барала итна хируршка интервенција. „Имав среќа да дојдам во комуникација со професорот Николиќ. Случајно успеав да дојдам до него. Јас бев во количка, не чувствував ништо, само замор. Сакав што побрзо да ја надминам оваа ситуација. Кога се видовме, професорот веднаш ме испрати на ехо. Откако ги виде резултатите рече дека итно е потребна интервенција и морав да се оперирам. Го прашав колку време имам за да одам на интервенција. Ми рече веднаш, најдоцна за два дена. Ако дојдeв ден-два подоцна, мислам дека немаше да бидам тука сега. Ситуацијата беше тешка“, вели Пешиќ.

ИТНА ИНТЕРВЕНЦИЈА

Проф. д-р Николиќ вели дека хируршката интервенција била неизбежна, а и итна. Морало да се реагира веднаш затоа што срцето било слабо поради инфекцијата. Кај Пешиќ е дијагностицирана митрална инсуфициенција и ендокардитис. Било потребно да се направи замена на митралната валвула со механичка валвула. „Залистокот беше во инфекција, се создале апсеци околу самиот залисток. Инфекцијата отиде на митралниот залисток. Со интервенцијата всушност се среди сета инфекција, беше заменет залистокот и дадовме соодветна терапија. Интервенцијата траеше четири часа. Сакам да бидам јасен дека инфекциите на залистоците мора да се решаваат со хируршка интервенција и не треба да се чека или пак да се пристапува со конзервативен третман, нешто што не се практикува веќе 10 години. Пациентката е супер и може да ги завршува сите обврски, да го има квалитет на живот како и претходно“, вели проф. д-р Николиќ.

nikolic pesik

БЛАГОДАРНО СРЦЕ

На Анка Пешиќ најголема поддршка во овој предизвик ѝ биле двете ќерки. Едната, познатата сликарка Дивна Пешиќ, која моментно со семејството живее во САД. Сепак, проблемот со нејзината мајка серозно ја исплашил. Раскажува дека тие денови биле најтешки во нејзиниот живот, неизвесноста била голема, ама надежта уште поголема. Знаела дека за сè се грижи најдобриот доктор. „Пресреќна сум што пред сè постои ваква болница каква што е ‘Аџибадем Систина’. Овде работат голем број професионалци. Откако ги виде резултатите рече дека итно е потребна интервенција и морав да се оперирам. Го прашав колку време имам за да одам на интервенција. Ми рече веднаш, најдоцна за два дена. Ако дојдев ден-два подоцна, мислам дека немаше да бидам тука сега. Јас, за жал, не бев тогаш тука оти живееме во САД. Сестра ми беше постојано со мајка ми. Вечно сум му благодарна на професорот д-р Николиќ и на болницата што ѝ помогнаа на мајка ми“, вели Дивна Пешиќ. Семејството Пешиќ вели дека нема да ги заборави тие мигови. Инспирирана од благодарноста, Дивна Пешиќ на докторот му подари слика „Срце за срце“.

pesik

ЕНДОКАРДИТИС – ВОСПАЛЕНИЕ НА СРЦЕВИТЕ ЗАЛИСТОЦИ

Со возраста се зголемува ризикот од митрална инсуфициенција поради природното трошење на залистокот со текот на годините. Ендокардитис е воспаление или инфекција на внатрешната (ендокардијална) површина на срцето кое може да вклучува една или повеќе валвули или други структури. Според проф. д-р Николиќ, кардиохирург, ендокардитисот често е предизвикан од бактерии кои нормално живеат на кожатa, во внатрешноста на дигестивниот тракт или во уринарниот тракт.

НАЈЧЕСТ ИЗВОР НА БАКТЕРИИ СЕ РАСИПАНИТЕ ЗАБИ

Најчестиот и најопасен извор се расипани заби. Со секое миење, четкање на забите со тврди четки гингивите се оштетуваат и го зголемуваат бројот на бактерии во крвта. Нормален организам и имунитет самиот може да се избори и не се случува ништо. Ако овие бактерии влезат во крвотокот, тие може да „се налепат”, поточно да се „населат” на којa било оштетена површина во внатрешноста на срцето и да предизвикаат вегетација или апцсес – нов „извор” на инфекција кој не секогаш е достапен на антибиотиците. Населените бактерии–вегетации може да достигнат огромни димензии (сантиметри) и да бидат мобилни. Тогаш постои голема опасност од ослободување или распаѓање на истите. Тоа значи дека фрагментите може да одлетаат низ крвните садови каде било во телото и да предизвикаат во најлош случај мозочен удар, дури и апцсес во мозокот. Оштетувањето на ткивото, а посебно кога се нападнати залистоците, може да им ја наруши нормалната функција и да доведе до валвуларна инсуфициенца која може да доведе до тежок застој и слабост на срцето.