Со голема гордост ја споделуваме веста дека првпат е објавен научноистражувачки труд на медицинските сестри од КБ „Аџибадем Систина“, во реномираното „Интернационално списание за технички и природни науки“ на Интернационалниот балкански универзитет. Овој труд е резултат на посветената работа, истражувачкиот дух и континуираниот стремеж кон унапредување на сестринската практика. Трудот произлезе од симулацискиот проект „Соба со грешки“, реализиран во новоотворениот симулациски центар на болницата, кој во 2023 година беше целосно опремен за едукација и практична обука. Во проектот учествуваа 278 медицински сестри од различни оддели, кои преку зададени сценарија и работа со фантом-кукли, имаа задача да идентификуваат што е можно повеќе потенцијални грешки поврзани со безбедноста на пациентите на еден иновативен и интерактивен начин, што беше одлично прифатен од сите учесници.
По завршувањето на симулациите, сите податоци беа темелно обработени и анализирани според светски стандарди, а финалниот труд беше изработен според методологијата на American Psychological Association (APA). Во неговата подготовка учествуваа медицинските сестри и соработници: Андроники Бибовска, Билјана Дилевска, Јелена Златиќ-Стоилов, Роберт Ефтимовски, Магдалена Митевска и Дарко Саздов – тим којшто со својата стручност и посветеност го трасира патот за ново поглавје во македонското сестринство.
Истражувањето потврди дека медицинските сестри од КБ „Аџибадем Систина“ имаат исклучителна способност за навремено препознавање на пропусти и потенцијални ризици, особено оние што работат на оддели со висок интензитет, каде што се потребни брзи и прецизни реакции. Овие резултати се во целосна согласност со JCI-стандардите што болницата ги применува од 2016 година.
Во 2025 година официјално започнува со работа и првиот тим на медицински сестри-истражувачи, со јасна мисија: публикување стручни трудови, размена на искуства и знаења и постојано унапредување на сестринската професија.
Овој успех не само што ја зацврстува улогата на медицинските сестри како клучни носители на квалитетна здравствена заштита, туку отвора нови можности за професионален развој, научна работа и активна вклученост во креирање на иднината на здравството.