Аџибадем Систина

ДОКТОРИ ОД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ НА МЕЃУНАРОДЕН СИМПОЗИУМ ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА ЦРН ДРОБ КАЈ ПЕДИЈАТРИСКИ ПАЦИЕНТИ

25.06.2025

 

На 23 јуни во Скопје се одржа Меѓународниот симпозиум за трансплантација на црн дроб кај педијатриски пациенти, каде што свои излагања имаа врвни домашни и странски експерти од областа на трансплантацијата на органи и педијатриската гастроентерологија. Настанот претставуваше важна платформа за размена на најнови сознанија, искуства и пристапи во третманот на децата што имаат потреба од трансплантација на црн дроб.
 
На симпозиумот доц. д-р Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, упати благодарност до проф. д-р Хамди Каракајали, директор на Центарот за трансплантација на органи на Универзитетската болница „Аџибадем Атакент“ во Турција за успешната долгогодишна соработка.
 
„Со проф. д-р Каракајали соработуваме уште од 2008 година, кога престојував на 6-месечна едукација за трансплантација на бубрези во Универзитетската болница ’Башкент’ во Анкара. Веќе во 2009 година заедно ја изведовме првата трансплантација на бубрег во Република Македонија. Оттогаш, заеднички сме учествувале на бројни меѓународни симпозиуми и имаме реализирано над 100 заеднички трансплантации на бубрег кај деца. Денес работиме на нова заедничка цел за развој на програма за трансплантација на црн дроб кај деца“, изјави д-р Симеонов.
 
На симпозиумот активно учествуваа и други еминентни лекари од здравствената групација „Аџибадем“ од Турција, како и домашни експерти од Универзитетската клиника за детски болести - Катедрата по педијатрија.
 
 
Од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на овој симпозиум учествуваше и д-р Наташа Чучкова-Никчевска, специјалист по педијатрија, која ја истакна одличната соработка со проф. д-р Вилдан Ертекин, специјалист по детска гастроентерологија од Универзитетската болница „Аџибадем Атакент“ во решавање на потешки гастроентерохепатолошки педијатриски случаи.
 
 
 
 

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.