Аџибадем Систина

СОВРЕМЕНИ ПРИСТАПИ И НОВИ ДОКАЗИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА ХРОНИЧНА КОРОНАРНА БОЛЕСТ ПРЕЗЕНТИРАНИ ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

27.05.2026

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се одржа стручен состанок на кој пред тимот кардиохирурзи, кардиолози, хирурзи, интернисти и анестезиолози беа презентирани најновите современи насоки и докази за инвазивен третман на хронична стабилна коронарна болест. Презентацијата ја одржа д-р Милан Милојевиќ, консултант за квалитет и контрола на квалитет (QI/QA) во болницата, кој ги претстави најновите препораки базирани на современи медицински истражувања и клинички студии.

Во фокусот на презентацијата беше изборот на најсоодветен третман кај пациенти со хронична и сложена коронарна болест - помеѓу PCI-процедурата (поставување стент) и CABG-хирургијата (бајпас-операција). Притоа беа анализирани резултатите од големите меѓународни студии EXCEL и NOBLE, кои покажуваат дека при носењето одлука за третман особено значење имаат долгорочните резултати, како што се преживувањето, ризикот од срцев удар и потребата од повторна интервенција. Беше потенцирано дека современиот пристап во лекувањето на коронарната болест подразбира мултидисциплинарна проценка, при што одлуката за третман треба да ја донесе тим составен од кардиолози и кардиохирурзи, со цел секој пациент да добие индивидуализиран и најсоодветен третман. Посебен акцент беше ставен и на секундарната превенција по интервенцијата, која подразбира редовна терапија, контрола на ризик-факторите и промена на животните навики.

Со континуирано следење и имплементација на најновите светски медицински препораки, „Аџибадем Систина“ продолжува да обезбедува современ, безбеден и висококвалитетен третман за пациентите со кардиоваскуларни заболувања. 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.