Аџибадем Систина

СКЕН НА КОСКИ СО НОВ РАДИОИЗОТОП NаF PET/CT - ВИСОКО СЕНЗИТИВНА МЕТОДА ЗА ЕВАЛУАЦИЈА НА КОСКЕНИОТ МЕТАБОЛИЗАМ

13.05.2026

На Одделението за нуклеарна медицина и ПЕТ-Центарот во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ започна да се изведува нова дијагностичка процедура NaF PET/CT скен.

Скенот на коски со новиот радиоизотоп NаF PET/CT е високо сензитивна, современа дијагностичка метода за коскени заболувања, особено за детекција на коскени метастази. Оваа метода овозможува многу прецизна проценка на состојбата на коските. Се користи во современата медицина за рано откривање на различни промени, особено кај пациенти кај кои постои сомнеж за коскени метастази или други заболувања на коскениот систем.

Методата се базира врз примена на мала количина радиофармацевтик (натриум флуорид – F18) кој по апликација се распределува во коските. Таму каде што постои зголемена активност на коскеното ткиво се создава сигнал кој апаратот го детектира. Со комбинирање на ПET (кој ја покажува функционалната активност) и КT (која дава детална анатомска слика), се добива целосен и прецизен увид во коскениот систем.

NaF PET/CT има значајна улога во:

  • откривање на коскени метастази кај малигни заболувања
  • проценка на нејасни болки во коските
  • следење на ефектот од терапијата
  • дополнителна евалуација кога други дијагностички методи не даваат јасен одговор.

Во споредба со класичната скелетна сцинтиграфија, оваа метода обезбедува повисока чувствителност и подобра резолуција, што овозможува откривање на промените во порана фаза.

Постапката е едноставна и добро толерирана. По интравенска апликација на радиофармацевтикот, се чека одреден временски период (30 до 60 минути), по што следува снимање на целото тело кое трае кратко (околу 20 минути). Не е потребна посебна подготовка, а пациентите по завршувањето на прегледот можат да продолжат со вообичаените активности.

NaF PET/CT претставува важна алатка во современата дијагностика, која овозможува навремено откривање на коскените промени и подобро планирање на понатамошниот третман.

    

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.