ЗАЕДНИЧКИ СИМУЛАЦИСКИ ПРОЕКТ НА ТИМОТ ЗА ЕДУКАЦИИ И ТРЕНИНЗИ ОД КБ „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ И УЧЕНИЦИТЕ ОД СМУГС „Д-Р ПАНЧЕ КАРАЃОЗОВ“ ОД СКОПЈЕ

ЗАЕДНИЧКИ СИМУЛАЦИСКИ ПРОЕКТ НА ТИМОТ ЗА ЕДУКАЦИИ И ТРЕНИНЗИ ОД КБ „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ И УЧЕНИЦИТЕ ОД СМУГС „Д-Р ПАНЧЕ КАРАЃОЗОВ“ ОД СКОПЈЕ

23.04.2026

Во пресрет на месецот на медицинските сестри, во симулацискиот центар на КБ „Аџибадем Систина“ почна реализација на симулациската вежба „НАМАЛИ РИЗИК - ЗГОЛЕМИ БЕЗБЕДНОСТ (RISK DOWN – SAFETY UP)“.
 
Заедничката соработка иницирана од главната сестра на болницата, Билјана Дилевска и д-р Весна Атанасовска, помошник-директорка на СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, наиде на позитивна реакција и од вработените во болницата и од инструкторките во училиштето.
 
Симулацијата е целно дизајнирана специјално за потребите на учениците од III година, насока медицински сестри/техничари и нивните потреби за препознавање на основните ризици во болничката соба. Целта е учениците во текот на својата практична настава во болниците да ја зголемат перцепцијата за увидување на грешки и ризици, како и овозможување безбедност на пациенти во тек на болничкиот престој. За време на проектот ќе се забележат и знаења од хигиена на раце, терапија на пациенти, нега на болен.
 
Во тек на неколку термини, 162 ученици од 5 различни одделенија, под раководство на медицинската сестра за едукација и тренинзи, Андроники Бибовска и супервизорите Магдалена Митевска, Јелена Златиќ-Стоилов и Роберт Ефтимовски, со помош на инструкторките од училиштето, ќе реализираат тренинзи соодветни за возраста, знаењата и програмата за едукација на учениците.
 
Главен акцент се става врз овозможување на учениците да развијат соодветни реакции во тек на нивното школување и приближување до високи стандарди за нега на болните, соодветни на стандардите за лекување и нега според кои работи КБ „Аџибадем Систина“.
Секој ученик ќе биде оценет според утврдени точки и на крајот на симулациската вежба, најдобро рангираните ученици ќе добијат пофалници и соодветни награди за вложениот труд и успех.
 
КБ „Аџибадем Систина“ е болница што секогаш е отворена за соработка со установи што придонесуваат за зачувување и унапредување на здравјето, а особено установи чијашто мисија се образование, наука и зголемување на знаењата.
 

 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.