Аџибадем Систина

ПРЕЦИЗНО ПОСТАВУВАЊЕ НА ВЕНТРИКУЛОПЕРИТОНЕАЛНА ДРЕНАЖА ВОДЕНА ОД СИСТЕМ ЗА НЕВРОНАВИГАЦИЈА: НОВ СТАНДАРД ЗА ПОБЕЗБЕДНА НЕВРОХИРУРГИЈА

05.12.2025

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ беше изведено прецизно поставување на вентрикулоперитонеален (ВП) систем за дренажа на ликвор со употреба на систем за невронавигација, кај пациент со уникомпартментализиран хидроцефалус.
Пациентот претходно има повеќе неврохируршки зафати кои се причина за значајна променa на нормалната мозочна анатомија, што ја намалува прецизноста при поставување на шант со стандардните методи базирани врз анатомски ориентациски точки и искуство на тимот.
„Предоперативно кај пациентот беше направена компјутеризирана томографија (КТ) со висока резолуција, која овозможи детална реконструкција на коморниот систем. Врз основа на овие податоци се направи тригонометриски коректна анализа на оптималната траекторија за пласман на вентрикуларниот катетер, со вклучување на индивидуалните варијации на пациентот“, изјави д-р Миленко Костов, неврохирург.
Интервенцијата беше изведена со систем за невронавигација со електромагнетно поле, кој овозможува континуирано следење на инструментите во 3Д-простор. Дополнително апаратот овозможува виртуелна ендоскопска слика со приказ на патот на катетерот низ мозочните структури, што дополнително ја зголемува безбедноста при самиот процес, избегнување на васкуларни и паренхимски елоквентни зони.
„Според современите студии, комбинацијата од невронавигација и виртуелна ендоскопија значајно ја зголемува точноста на поставување на катетерот и ја намалува стапката на малпозиција од 10 до 40% (традиционални методи) на под 5%“, вели д-р Костов.
 
Предности на интраоперативна технологија
Клучните предности со користење на интраоперативната технологија се: милиметарска прецизност на позиционирање на катетерот, намалување на ризикот од компликации, вклучувајќи малпозиција, хеморагија и дисфункција на дренажата, подобра ориентација во случаи со променета анатомија, пократко оперативно време поради предоперативно дефинирана траекторија, како и поголема долгорочна функционалност на ВП-системот.
Пациентот постоперативно закрепнува стабилно, со добро позициониран катетер, потврден интраоперативно и постоперативно. Користењето на систем за невронавигација го намалува целокупното време на интервенција и постоперативно заздравување.

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.