ОД ЦИМЕРКИ ВО РОДИЛИШТЕ ДО ПРИЈАТЕЛКИ ЗА ЦЕЛ ЖИВОТ: ИВАНА И ВАСКА ПО ВТОРПАТ СТАНАА МАЈКИ НА ИСТ ДЕН И ПОВТОРНО ДЕЛЕА ИСТА СОБА

ОД ЦИМЕРКИ ВО РОДИЛИШТЕ ДО ПРИЈАТЕЛКИ ЗА ЦЕЛ ЖИВОТ: ИВАНА И ВАСКА ПО ВТОРПАТ СТАНАА МАЈКИ НА ИСТ ДЕН И ПОВТОРНО ДЕЛЕА ИСТА СОБА

17.08.2026

Понекогаш најубавите пријателства започнуваат сосема неочекувано. Во болничка соба, во еден од најемотивните моменти во животот, меѓу неизвесноста, возбудата и првата средба со своето дете.

Таква е приказната на Ивана и Васка, која започнува на 16 јуни 2023 година. Тие пред три години случајно се нашле како цимерки на Одделот за акушерство во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и станале мајки на ист ден, а денес, по вторпат, животот ги спои на речиси неверојатен начин: повторно се породија на ист ден и повторно престојуваа заедно во иста соба.

Кога Васка пристигнала во собата, Ивана веќе била породена и покрај себе го имала новородениот Михаил.

„Кога ме примија и влегов во собата, веднаш почувствував една убава енергија. Ивана веќе беше породена и тогаш првпат го видов Михаил. Бев восхитена,  не знаев дека едно штотуку родено бебе може да биде толку убаво. На некој начин, тоа ме охрабри и едвај чекав и јас да се породам“, се присетува Васка.

Само неколку часа подоцна, истиот ден, на свет пристигнала и нејзината ќеркичка Дина.

И двете мајки биле породени со царски рез, а токму деновите на закрепнување станале почеток на едно искрено пријателство. Бидејќи Ивана била породена неколку часа порано, на Васка ѝ раскажувала што ја очекува и ѝ давала сигурност во секој следен чекор. Си помагале да станат од кревет, се охрабрувале да прошетаат, си биле поддршка во грижата за новороденчињата, а особено во првите обиди со доењето.

„Покрај огромната помош од медицинските сестри, и ние си помагавме една на друга. Кога едната имаше повеќе сила, ѝ помагаше на другата околу бебето. Се смеевме многу, а јас имав болки од царскиот рез и знаев да ѝ кажам на Ивана да престане да ме смее. Закрепнувањето го поминавме со многу смеа и оптимизам“, раскажува Васка.

ПРИЈАТЕЛСТВО ШТО ПРОДОЛЖИЛО И НАДВОР ОД РОДИЛИШТЕТО

Во деновите поминати во болница имале време и вистински да се запознаат. Ги споделиле своите животни приказни, патот до мајчинството, плановите за иднината и сите оние мали стравови и радости што ги носат првите денови со новороденче, а нивното пријателство не останало зад вратата на болничката соба. Откако си заминале дома, продолжиле редовно да комуницираат, а бидејќи и двете живеат во Скопје, средбите и комуникацијата станале дел од нивното секојдневје.

„Секој месец ги фотографиравме бебињата заедно, прв месец, втор месец, трет месец... со сите бројки. Постојано си пишувавме како ни поминал денот, дали бебето цицало, како спиело, што ново направило“, раскажува Ивана.

Пријателството се проширило и на нивните семејства. Нивните партнери исто така воспоставиле близок однос, особено за време на заедничките посети и дружења со децата.

ТРИ ГОДИНИ ПОДОЦНА, ИСТОРИЈАТА СЕ ПОВТОРУВА

Тогаш сè уште не знаеле дека животот подготвува продолжение на нивната приказна, кое тешко дека би можело да се испланира. Па така на една сосема обична средба во игротека, следувало ново изненадување, Ивана решила да ја соопшти својата голема вест.

„Сакам нешто да ви кажам, бремена сум.“

Од другата страна и Васка веднаш одговорила:

„Е па, и јас сум бремена!“

Следувало смеа, неверување и се разбира, споредување на термините за породување. Ивана имала термин на 13 август, а Васка на 18 август.

Иако бременостите им ги воделе различни гинеколози – Ивана ја водела својата бременост кај д-р Никола Панчевски, а Васка кај проф. д-р Глигор Димитров – постоела можност историјата од пред три години да се повтори.

Во последните недели од бременоста, на редовните контроли кај двете пациентки било утврдено дека породувањето ќе треба да заврши со царски рез.

„Кога низ смеа му ја раскажав на докторот нашата приказна за мене и Ивана, дека пред три години се породивме на ист ден, тој ми кажа дека постои можност истото тоа да се случи повторно. Бев пресреќна, многу сакавме повторно да бидеме заедно и навистина ни се исполни желбата“, вели Васка.

На 7 август 2026 година, три години по нивното прво заедничко породилно искуство, Ивана и Васка повторно станаа мајки на ист ден.

Овој пат на свет пристигнаа Јоана и Огнен.

„Во целата таа емотивна бура околу породувањето, кога размислуваш за толку многу работи и имаш различни грижи, мене огромна сигурност ми даваше сознанието дека повторно ќе бидам со неа во соба. Бев многу помирна затоа што знаев дека покрај мене ќе има некој близок, некој што ќе ме разбере и ќе ме поддржи и низ ова животно искуство“, раскажува Васка.

Симболиката станала уште поголема кога пристигнала пораката од Ивана:

„Те чекам во соба 3028. Спремни сме“.

И овој пат едната ја испратила другата на породување, за веднаш потоа и самата да тргне по истиот пат. Дури и родилните броеви на нивните бебиња се еден по друг.

Денес, од две непознати жени кои пред три години случајно биле сместени во иста болничка соба, тие станаа пријателки кои заедно ги минуваат едни од најважните моменти во животот. Ги поврзуваат многу нешта, и двете се правнички, нивните први деца Дина и Михаил растат заедно, а сега заеднички спомен ќе имаат и Јоана и Огнен.

Во неколку наврати и персоналот се пошегувал дека нивната приказна можеби допрва ќе има продолжение, Ивана и Васка низ смеа велат за тоа дека „имаат две шанси“ и дека можеби нивните деца еден ден дополнително ќе ги поврзат семејствата.

Зад нивната убава приказна, велат, стои и чувството на сигурност што го добиле од целиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

„Благодарни сме на докторите, медицинските сестри, болничарите и на целиот персонал. Докторите се клучни во процесот на породувањето, но по него сфаќате колку значи секој човек што е покрај вас, сестрите, болничарите, сите што ви помагаат во закрепнувањето и во првите моменти со бебето. Тоа што и двете се вративме тука по вторпат е, всушност, најголем доказ за довербата што ја имаме“, велат Васка и Ивана.

Приказната на Ивана и Васка потсетува дека породилиштето не е само место каде што се раѓа нов живот. Понекогаш токму таму се раѓа и едно пријателство.

 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.