Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ успешно беа изведени уште три роботски асистирани хируршки интервенции од областа на урологијата и гинекологијата, со примена на современиот роботски систем MedBot Toumai®. Со овие интервенции, болницата продолжува да ја развива и унапредува роботски асистираната хирургија, овозможувајќи им на пациентите пристап до најсовремени минимално инвазивни хируршки техники.
Првата интервенција беше роботски асистирана радикална простатектомија, изведена кај 61-годишен пациент, при што беше отстранета простатата. Интервенцијата ја изведе уролошки тим предводен од проф. д-р Сотир Ставридис, специјалист по урологија, со целосна поддршка од д-р Владимир Лозановски, специјалист по урологија, анестезиологот д-р Азра Куч, како и од тим медицински сестри, техничари и болничари.
(2).png)
Втората роботски асистирана интервенција беше изведена кај 42-годишна пациентка. Станува збор за роботски асистирана лапароскопска хистеректомија со билатерална салпингектомија, односно отстранување на матката и двата јајцевода. Интервенцијата ја изведе д-р Јосиф Ѓорески, специјалист по гинекологија и акушерство, со поддршка од д-р Владимир Лозановски, специјалист по урологија, д-р Милица Каламарас, специјалист по гинекологија и акушерство и прим. д-р Снежана Поповска, специјалист по анестезиологија со реаниматологија, како и од тим медицински сестри, техничари и болничари.
Третата интервенција беше роботски асистирана радикална простатектомија, изведена кај 68-годишен пациент, при што беше отстранета простатата. Операцијата успешно ја изведе уролошки тим предводен од д-р Александар Мицковски, специјалист по урологија, со поддршка од специјалистите по урологија проф. д-р Сотир Ставридис и д-р Владимир Лозановски, анестезиологот прим. д-р Снежана Поповска, специјалист по анестезиологија со реаниматологија, како и од тим медицински сестри, техничари и болничари.
Со современиот роботски систем MedBot Toumai®, „Аџибадем Систина“ е единствен центар за роботска хирургија од ваков тип во Македонија, Косово и Албанија. Оваа технологија овозможува поголема хируршка прецизност, помали оперативни резови, побрзо закрепнување и пократок болнички престој. Болницата продолжува со развојот на роботската хирургија и проширувањето на нејзината примена во други хируршки области.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.